Заев, Филипче, Димитров и Бучковски во Атина на шестгодишнината од потпишувањето на Преспанскиот договор

by Fokus

Иднината на Европа по европските избори, интегративниот процес на Западен Балкан, геополитичките случувања во Источен Медитеран, мирното решавање на споровите, справувањето со климатската криза, но и во европските економски случувања, ќе бидат главните теми на дводневната Меѓународната конференција за мир и одржлив развој што на 17 и 18 јуни ја организираат „Институтот Алексис Ципрас“ и „Фондацијата Зоран Заев“, јави дописничката на државната МИА од соседна Грција.

Според информациите, конференцијата ќе се одржи во Атина, по повод шестгодишнината од потпишувањето на Договорот од Преспа, планирано е учество на шефови на меѓународни организации, премиери, еврокомесари, водечки владини претставници, поранешни претседатели, премиери и министри за надворешни работи, како и „претставници на партии од целиот демократски спектар со акцентот на централно левичарски, левичарски и прогресивни сили“.

Од Македонија, на конференцијата планирано е да учествуваат поранешните премиери Зоран Заев и Владо Бучковски, поранешниот министер за надворешни работи и поранешен вицепремиер Никола Димитров и Венко Филипче како директор на „Фондацијата Заев“.

Дополнително, според истите информации, како што пренесува МИА, планирано е учество и на четворица европски комесари, на специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот Белград-Приштина, Мирослав Лајчак, поранешниот француски претседател Франсоа Оланд, на премиерот на Србија – Милош Вучевиќ, на поранешните премиери на Шведска и Грција Стефан Лофвен и Јоргос Папандреу, поранешниот претседател на ЕП – Мартин Шолц, на поранешниот шеф на грчката дипломатија – Никос Коѕијас, како и на градоначалниците на Атина и Истанбул.

Поврзани новости