Мене ми се потребни влезните информации од извештајот, за да можам мирно да спијам и слободно да ја донесам и оправдам одлуката, без разлика дали е оставка и прифаќање или, пак, неприфаќање, изјави премиерот Зоран Заев, во однос на одлуките за оставките на првите луѓе во здравството по пожарот во тетовската модуларна болница.
– Штом ќе се соопштат причините за пожарот, сите детали неопходни, тогаш јас ќе можам да изградам свој став по основ на овие, според мене, високо етични морални чекори кои што се направија од страна на министерот, заменик-министерот, директорот, и економскиот директор таму – изјави Заев на ТВ 24.
Тој истакна дека е задоволен од министерот за здравство Венко Филипче и заменикот Илир Хасани.
-Задоволен сум. Тоа го кажуваат граѓаните на сите истражувања и анкети. Зошто, заради начинот на однесувањето за време на пандемијата, начинот како се справуваше со сите одговори, прашања, транспарентноста, стабилноста, работењето со експертите. Втора работа, пандемијата трае, бројките не се спуштаат и со тоа треба да се управува – рече Заев.