Премиерот и актуелен претседател на СДСМ, Зоран Заев е единствениот кандидат на внатрепартиските избори на партијата, но вели дека членовите ќе може да гласаат „за“ и „против“ него. Ова Заев го соопшти на прес-конференција во партиското седиште на којашто ја претстави својата програма како единствен кандидат и побара поддршка.
Вели дека на секого му било овозможено да се кандидира за претседател на партијата, но други кандидати не се пријавиле. – Немаме намера ниту да измислуваме кандидати, ниту некого да попречиме, рече Заев.
Тој на 21 март е единствениот кандидат на внатрепартиските избори во партијата и ќе побара поддршка за трет лидерски мандат. Тој е на чело на партијата од 2013 година.
Вели дека успеале партијата да не биде елитен клуб, туку демократска партија. Исто така порача дека членската книшка книшка на СДСМ не смее да значи привилегија, туку поголема одговорност. – Не сме безгрешни, но не скршнавме од вистинскиот колосек. Никој во СДСМ нема да се кандидира за функција, само за да биде функционер, туку да врши должност и да биде служител на граѓаните, додаде Заев.