Државата ја држи стабилна цената на струјата на домаќинствата, затоа што нашиот модел е либерализација со постепено отворање кон граѓаните. Во моментот, државата има обврска да обезбедува околу 60-70 проценти од струјата, а останатите до 100 проценти ги субвенционира, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарски прашања по заедничката прес-конференција со министерот Насер Нуредини.
Трендот на берзанско покачување на струјата, посочи Заев, беше видлив уште во првото полугодие и Владата презема соодветни активности, како што е намалувањето на ДДВ на електричната енергија од 18 на 5 проценти и на тој начин успеваме да ги амортизираме дел од трошоците, кои граѓаните би ги сносиле ако државата не интервенира.
– Вториот дел е директната интервенција што државата ја прави со енергетскиот производител ЕСМ за да можеме да држиме стабилна цена на струјата на домаќинствата, иако таа е неколкупати зголемена, еве 4-5 пати, зависи од кога земате мерења. На два начини правиме субвенционирање. Едното е директно ги помагаме ЕСМ за да може производната разлика со таа за граѓаните да ја платиме од Буџетот, со средства од граѓаните, а тоа да не го плаќаат граѓаните. Вториот дел е субвенционирање на цената што се набавува на отворен пазар, за до 100 проценти се покријат домаќинствата и така ќе продолжиме, изјави Заев.
Северна Македонија согласно Енергетската економска заедница, посочи Заев, е отворен пазар и во моментот компаниите и јавните институции на отворен пазар набавуваат струја.
– Нормално, овде правиме дополнително алоцирање на буџетски средства за болниците, школите и градините, кои набавуваат многу поскапа струја од порано или од периодот кога биле планирани овие буџетски средства, изјави Заев.
Нормално 2022 година, посочи Заев ќе ги очекуваме тековите кои ќе се случуваат, но јасно е дека со политиките на климатските промени и инвестициите во обновливи извори на енергија се обидуваме и ние како држава да обезбедиме поголеми количини на зелена енергија по конкурентни цени, како би можеле и на подолг рок да ја ублажиме ваквата тенденција.
– Јасно е, во светот трендот покажува дека цената на струјата и во иднина ќе биде многу висока, затоа што се повеќе се затвораат централите на јаглен, а се повеќе и повеќе расте побарувачката на електрична енергија. Природниот гас порасна во вредност, а секако и останатите енергенси за производство на струја. Оттука, како Влада сериозно сме посветени на максимално помагање од економско-социјален аспект на нашите домаќинства, изјави Заев.
Имаме план, посочи Заев, до 2030 година да бидат затворени сите термоцентрали на јаглен во државата и затоа, нагласи, фокусот е на зелена енергија од ветерни, хидро и фотоволтаични централи.