Заев дојде со конкретни предлози, рече бугарскиот премиер Јанев

by fokus

Македонската делегација дојде со конкретни предлози кои ќе ги разгледаме уште денеска и во наредните денови, рече на денешната заедничка прес-конференција бугарскиот премиер, Стефан Радев со македонскиот премиер, Зоран Заев.

Политиката на Бугарија, повтори Јанев, е цврста поддршка на европската перспектива на Северна Македонија и Албанија и поддршка за нивното присоединување кон европското семејство, но не одговори конкретно на прашањата на новинарите дали Бугарија ќе стави повторно вето сега во јуни.

-Констатиравме дека во моментов имаме прозорец на можности да работиме по нерешените прашања за исполнување на Договорот за добрососедство од 2017 година. Сега ни е приоритет да создадеме атмосфера на доверба, пријателство и на дијалог, што ќе им помогне на нашите експерти и политичари да дојдат до решение. Во рамки на овој дијалог, треба прво да ги решиме меѓусебните проблеми, за да не остават проблеми во европското семејство, рече Јанев.

Премиерот Заев уште еднаш повтори дека проблемот меѓу двете земји е билатерален и дека така треба да се реши.

-Разговаравме за билатерален проблем. Имаме пријатели секаде во светот, но проблемот е билатерален и решението треба да го најдеме овде, билатерално, ние, двете страни. Ако сме одговорни политичари тоа е наша обврска – да работиме на изнаоѓање решение, рече Заев.

Тој е убеден дека двете земји ќе изнајдат решение. Рече дека на средбата бил искоментиран и португалскиот предлог. До граѓаните на Северна Македонија и Бугарија упати апел да го одржат и да му дадат шанса да добрососедството, на соработката и пријателството, како и да дадат поддршка на иднината на двете земји и двата народа.

-Разговаравме за суштината и структурата на можното решение на проблемот преку патоказот, патната карта, секторската соработка во сите можни области, со конкретни рокови, конкретни институции, како и за интензитетот на работата на историско-образовната комисија. Го искоментиравме и португалскиот предлог. Бугарија е членка на ЕУ и во рами на Унијата разговара за деловите кои се однесуваат на ЕУ. Наше е да разговараме за делот на билатералните прашања кои навистина не се невозможни да бидат решени. Верувам дека постои можност да изнајдеме решение. Според мене, најмалку имаме исчекор напред зашто седиме заедно, работиме заедно, разговараме за решение кое, уште еднаш кажуваме, мора да е билатерално, потенцира Заев.

Премиерот Заев, придружуван од вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров и од министерот за надворешни работи Бујар Османи, е во работна посета на Софија со цел интензивирање на напорите за наоѓање решенија за отворените прашања и деблокада на македонскиот евроинтерграциски процес. Посетата се случува една недела пред состанокот на Советот за општи работи на 22 јуни и пред Самитот на ЕУ на 24 и 25 јуни.

Поврзани новости