Очекувам поддршка од Бугарија на нашиот европски пат и знам дека времето на кочење и блокади е зад нас, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев во интервју за сајтот мкд.мк.
-Моите политики, политиките на СДСМ, градат партнерства и пријателства и во тој дух ако има некое прашање, отворено ќе го решаваме. Но македонскиот јазик е затворено прашање, и на научно и на политичко поле. Нашиот македонски јазик е реалност, признаен и прифатен од целиот свет, впишан во картата на ОН. Впрочем, и самиот Договор со соседна Бугарија е потпишан на официјалниот јазик на нашата држава, на македонскиот јазик. Ние сме македонски народ, кој зборува македонски јазик, јасно е како ден. По однос на другите, историските прашања, договорот што го потпишавме со Бугарија дава доволно механизми за решавање на отворените теми и разликите во погледите кон одредени историски настани и личности. Ќе ги искористиме тие механизми, ќе продолжиме да разговараме и убеден сум дека ќе најдеме решенија, како што и до сега наоѓавме решенија, дури и за многу потешки прашања. Преку пријателство дојдовме до овде, преку дијалог и пријателство ќе продолжиме и понатаму, вели Заев.