Заев доби охрабрување за имплементацијата на Договорот од Преспа од португалскиот премиер

by fokus

Премиерот Зоран Заев во рамки на работната посета на Португалија се сретна со премиерот Антонио Коста. Средбата, како што соопштуваат од владината прес-служба, Заев ја оценил како одлична можност за унапредување на односите меѓу Република Македонија и Република Португалија на највисоко ниво.и го покани португалскиот премиер Коста во официјална посета на нашата земја.

На средбата, како прва на ниво на премиери на двете земји, Заев и Коста имаа заеднички став дека застапуваат идентични интереси на двете земји и кога станува збор за некои од глобалните, европските и регионалните прашања.

Во таа насока, премиерот Заев го информираше својот колега од Владата на Република Португалија за актуелниот момент на односите на Република Македонија со соседите и со другите земји од Западен Балкан, и го нагласи позитивниот и активен пристап на нашата земја во унапредувањето на односите со секоја земја од регионот одделно.

Во таа насока, премиерот Заев информираше за резултатите од договорите со Република Бугарија, и посебно со Република Грција во однос на прашањето за името, и го истакна позитивниот развој што ги направи реални можностите за членство на Република Македонија во ЕУ и НАТО.

Португалскиот премиер Коста изрази безрезервна поддршка за нашето членство во НАТО и ЕУ, и ја охрабри целосната имплементација на Договорот од Преспа, како клучен предуслов за тоа.

Двајцата соговорници се согласија дека е неопходно зајакнување на економските врски меѓу двете и да поттикнат балансирање на трговската размена.

На средбата, премиерот Зоран Заев и премиерот Антонио Коста, се согласија дека треба да се охрабри и парламентарната соработка меѓу Република Македонија и Република Португалија.

Поврзани новости