Писмото со кое се известува претседателот Ѓорѓе Иванов дека е оформено парламентарното мнозинство вчера било испратено до неговиот кабинет, но се уште нема потврда дали е примено, изјави денеска лидерот на СДСМ, Зоран Заев по средбата со претставниците на ОБСЕ.
Заев истакна дека откако ќе почне процедурата од 10 дена за формирање на влада тој е подготвен да има средба со Иванов и како и со коалициските партнери, за повторно да му кажат дека ја гарантираат унитарноста на Македонија како и дека ги исполнуваат останатите услови кои претходно Иванов им ги постави.
„Се во функција за час поскоро да се додели мандатот, а исто така ние што побрзо од предвидените 20 дена да излеземе во Парламентот со предлог за новиот владин кабинет“, рече Заев.
Според Заев до крајот на месецот има можност да биде избрана новата влада но сепак истото зависи и од постапките на Иванов за доделување на мандатот, како и од техничките можности кои треба да се обезбедат во Собранието.
Тој истакна дека се можни нови опструкции во Собранието за формирањето нова влада и не ја исклучи можноста дека се можни нови насилни инциденти, со надеж дека веќе никој нема да има мотивација да прави и создаде нови немили настани.
Информираше дека во СДСМ се уште не добиле покана од обвинителството за случајот кој е отворен за насилството во Собранието и порача дека насилниците мора да бидат казнети. За новиот собраниски спикер, Талат Џафери кој вчера го истакнал албанското знаме во неговиот кабинет, Заев рече дека сите треба да го почитуваат законот и тоа важи и за нивните коалициони партнери.