Лидерот на СДСМ Зоран Заев вечерва на Сител изјави дека државата се наоѓа во ситуација во која мора да се избере парламент.
-Свесни дека пандемијата ќе трае ние мораме да ги организираме државните институции. И покрај ваквите услови мислам дека преку кампањата допревме до голем број граѓани, преку вас медиумите, преку социјалните мрежи, преку помали собири. Во целиот овој период имаме голем фокус на голема политичка понуда, преку сите сегменти, платите, инфраструктурата, економијата… А од друга страна се води негативна кампања – рече Заев.
Ние секој ден одиме насекаде како граѓани, се дружиме, пиеме кафе, пазариме, па затоа, истакна тој, пет минути на гласачкото место нема да ни го нарушат здравјето.
-Едно мора да се знае, секој кој нема да гласа не и помага на татковината, ако не гласа му помага на режимот да може да се врати. Затоа ги повикувам граѓаните во што поголем број да ја исполнат својата одговорност и да и дадат патоказ на држават. Со седење дома на ден на избори, помага само да се врати режим, да се вратат црнилата од кои верувам, конечно сите сме спасени – порача Заев.