Владата ги објави трошоците на владините функционери во второто полугодие од стапувањето на власт. Претходно на јавноста и беа познати службените трошења на функционерите од првите шест месеци, односно од јуни до ноември 2017 година. Со новите податоци јавноста ги има на увид трошењата за период од декември 2017 година до мај 2018 година.
Во овој период јавните функционери потрошиле 15.081.921 денари, или 244.977 евра. При тоа најмногу потрошил министерот за надворешни работи, Никола Димитров, или вкупно 23.600 евра за шест месеци. Од нив 10.000 евра биле потрошени за авионски карти, а 6.800 за хотелско сместување.
За овој период премиерот, Зоран Заев, потрошил 16.200 евра, а трет со највисоки службени трошоци е вицепремиерот Бујар Османи со 15.200 евра.
Во пресметковниот период кој го опфаќа декември од 2017 година и првите пет месеци од 2018 година, јавните функционери најмногу пари потрошиле за угостителски услуги или над 103.000 евра. Сепак од Владата велат дека во овој дел има заштеди, ако се спореди со периодот јуни-ноември од 2017 година, односно првото полугодие од владеењето на СДСМ, кога трошоците за угостителски услуги достигнале 178.800 евра.
Владата прави споредба и со претходната власт на ВМРО-ДПМНЕ.
„За споредба, вкупниот износ на угостителските услуги на компаративниот период декември 2014 – мај 2015 на претходната Влада е речиси четири пати поголем и изнесува 22 335 614 денари“, велат од таму.
Од таму констатираат дека трошоците се намалени за 65 проценти во споредба со првите шест месеци од работењето на оваа Влада.
„За првите 12 месеци од работата на оваа Влада според податоците во Алатката јавните функционери потрошиле 37 милиони денари, во споредба со 94 милиони денари на претходната влада, односно два и пол пати помалку“, додаваат од Владата.