Во Кривичниот суд за денеска е закажано ново рочиште од судењето на обвинетите за обидот за убиство на пратеникот Зијадин Села, што се случи на 27 април минатата година во Собранието на Република Македонија.
Како што објавија дел од медиумите на денешното рочиште поканети се да сведочат претседателот на Собранието Талат Џафери, министерот Дамјан Манчевски, пратеникот Александар Кирацовски и премиерот Зоран Заев.
На претходните рочишта сведочеа неколку сведоци, меѓу кои и Зијадин Села. Тие зборуваа за случувањата и насилството што се случи врз Села на 27 април 2017 година кога Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието на РМ.
Во овој случај обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.
На претходните рочишта обвинетите за обид за убиство на пратеникот Зијадин Села се изјаснија за невини. Тие пред Судот кажаа дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни и оти тоа ќе го докажат во натамошната постапка.
За овој предмет, месецов се закажани пет рочишта.