Датумот за преговори за членство во ЕУ е голем поттик и мотивација за сите граѓани и пред земјата, како никогаш досега, стои можност да затвори стратешкото поглавје од својата современа историја – полноправно членство во Европската Унија, истакна денеска премиерот Зоран Заев во своето обраќање на Форумот Кран Монтана во Брисел.
Како што соопшти владината прес-служба, Заев имал обраќање на сесијата „Југоисточна Европа и нејзиното пристапување кон Европската Унија“, во кое ги запознал учесниците на форумот со искуствата од потпишувањето на Договорот за решавање на спорот за името и за стратегиско партнерство меѓу Република Македонија и Република Грција.
Заев информирал дека компромисот со Република Грција, реализиран во духот на најдобрите искуства од европското минато, во духот на дијалогот како европски начин, преточен во решение, ќе биде ставен на конечна одлука, повторно во духот на европските демократски манири кога станува збор големи национални одлуки – на референдум на кој граѓаните ќе се изјаснат идното име на нашата земја да биде – Република Северна Македонија, со потврден и меѓународно признат и зајакнат македонски идентитет.
Како резултат на овој договор, рекол Заев, „дојде и одлуката на Европската Унија, на Република Македонија да и одреди датум за старт на преговорите и за отпочнување на последната фаза од пристапувањето во полноправно членство на нашата земја во унијата“.