На сите православни верници во нашата земја, на Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, и на сите свештеници и монашки братства и сестринства во манастирите во нашата земја им го честитам денешниот празник Богојавление – Водици, напиша премиерот Зоран Заев во својата честитка за празникот.
„Со овој празник кој се слави во име на осветувањето на водите, во име на Христовото крштевање во реката Јордан, кога се јави Бог како бел гулаб, се осветува сè: водата и воздухот, природата и сите созданија, целата земја и сета вселена за очистување на човековата природа која со крштевањето станува нова и започнува нов живот, нова можност за обнова на високите универзални хуманистички вредности што ги споделуваме во нашата заедница.
Како никогаш досега, во услови на пандемијата со КОВИД-19, овој празник силно нѐ повикува да го просветлиме нашиот ум, да се очисти нашето срце и да се облагороди нашата душа, за да ги поминеме во здравје искушенијата на пандемијата.
Оваа година да ги послушаме препораките на здравствените работници и на Синодот на МПЦ-ОА и да го прославиме празникот одговорно и со отворени срца да прифатиме дека оваа година ќе се лишиме од традицијата во име на идните празнувања на овој голем празник.
Нека е вековит денешниот ден Богојавление – Водици!“, се вели во честитката на Заев.