Заев бара начин да избере собраниски спикер, за да го побара мандатот од Иванов

by Фокус

СДСМ, заедно со ДУИ и другите албански партии, бараат начин како да ја деблокираат актуелната парламентарна седница и парламентарното мнозинство да го избере Талат Џафери за претседател на Собранието, кој потоа треба го побара мандатот за состав на нова влада од претседателот Ѓорге Иванов, велат за Фокус високи партиски извори.

Но, од овие партии не откриваат како и каде планираат да го изберат новиот собраниски спикер, со оглед дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ со маратонски дискусии и серија меѓусебни реплики и контрареплики не дозволуваат изборот на претседател да дојде на дневен ред.

– Новиот претседател на парламентот треба да го информира претседателот за новото парламентарно мнозинство, на кое треба да му го довери мандатот за состав на нова влада во рок од 10 дена. Како ќе се постигне тоа, ќе видиме следниве денови – изјави висок функционер од редовите на социјалдемократите.

Инаку, овој рок практично произлегува од Членот 90 од Уставот, каде стои дека претседателот е должен да му го довери мандатот за состав на влада на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во собранието во рок од 10 дена од конституирањето на собранието, а парламентот би се сметал за комплетно конституиран токму по изборот на претседател.

Сепак, од претседателскиот кабинет велат дека покрај доконституирањето на парламентот, по што се активираат уставните рокови, постои и уште една пречка, која треба да биде надмината за да биде определен мандатот.

Зоран Заев мора јавно да ја осуди и да се откаже тиранската платформа или албанската декларација. Доволна е само една изјава и ќе го добие мандатот за една минута – неофицијално велат од претседателскиот кабинет на Водно.

Сепак, од СДСМ децидни се дека Заев нема зошто да се откажува од таканаречената тиранска платформа, бидејќи тој веќе објавил програма на новата влада, од што произлегува дека изборот на нов собраниски спикер не значи по автоматизам и мандат за состав на нова влада и деблокирање на политичките процеси.

В.С.

 

Поврзани новости