Автопатот Приштина – Скопје ќе ја забрза динамиката на односите меѓу граѓаните и бизнисмените од повеќе земји од овој регион. Инфраструктурното поврзување во голема мерка ќе ја забрза севкупната европеизација на регионот, рече премиерот Зоран Заев на денешната свеченост по повод завршувањето на изградбата на косовскиот дел од автопатот Приштина-Скопје.
На свеченоста кај Палденица крај Генерал Јанковиќ, во близина на граничниот премин Блаце меѓу Косово и Македонија, Заев рече дека овој пат е значаен не само за двете соседни земји, туку и за целиот регион во неговиот пат кон европските интеграции.
Тој им честита на косовските лидери и на сите кои учествуваа во изградбата на автопатот „Арбен Џафери“ и најави дека и Македонија ќе ги забрза работите на изградбата на автопатот од Блаце до Скопје.
– Автопатот што денеска се пушта во употреба ќе биде силна мотивација и за нас да ги забрзаме подготовките за старт на работите на автопатот Блаце – Скопје. Овие денови и кај нас се распишува тендерот за автопатот од 14 километри вреден 120 милиони евра. Така ќе се заокружи автопатското поврзување меѓу Скопје и Приштина и патувањето меѓу овие два града ќе трае само 45 минути. Наша обврска е автопатот Блаце – Скопје, како дел од рутата 6 од паневропската мрежа на патишта да почнеме да го градиме во предвидениот рок и целосно да го завршиме во експресно време, рече Заев.
Тој дополни дека автопатот „Арбен Џафери“ е своевидна „награда за трпеливоста и за бројните врски што ги имаат Косово и Република Северна Македонија на секој план“.
– Овој ваш потфат го сметаме за наш и ние во Северна Македонија. Овој пат од денеска ќе стане сообраќајницата која ќе овозможи најсовремен, најбрз и најбезбеден проток на стотици илјади автомобили, граѓани и на други транспортни средства, кои обезбедуваат Косово да биде меѓу првите топ 20 земји со најголем обем на трговска размена со Република Северна Македонија, вредна повеќе од 500 милиони евра, рече Заев.
Тој нагласи дека Косово и Република Северна Македонија потпишаа меморандум за соработка во областа на интегриранато управување на границите меѓу двете земји, која ќе овозможи побрза размена на информации, побрзо движење на патници и стоки меѓу двете земји.
Според Заев „оваа модерна автопатска артерија од денеска станува дел од системот автопати што го прави регионот поврзан, близок и пријателски“.
За Арбен Џафери, чие име го носи автопатот, Заев рече дека е „еден од најистакнатите ликови од независноста на нашата земја“.
– Арбен Џафери е еден од оние истакнати ликови кои дадоа голем придонес регионот да биде поврзан и единствен, составен од суверени земји, кои меѓусебно се респектираат и го делат минатото во име на заедничката европска иднина
Тој нагласи дека овој автопат ги поврзува не само двете соседни земји туку преку него се поврзуваат и сите земји во регионот меѓу себе.
– Во име на напредокот на односите меѓу земјите, што ги поврзуваат меѓународните европски коридори, уште еднаш ви честитам на големиот успех и огромниот потфат. Им оставате на вашите граѓани и на идните генерации големо и значајно наследство, а на граѓаните на регионот пример и инспирација што треба да се следи, порача премиерот Заев.
Претседателот на Косово, Хашим Тачи посочи дека денешниот ден е посебен, не само за Косово, туку и за целиот балкански регион. Според него, изградбата на автопатот е „силна инвестиција, но мошне вредна, затоа што едно слободно и независно Косово треба и да се развива“.
– Доколку вчера сонувавме да имаме слободно и независно Косово, денес тоа е реалност. Доколку вчера ни се чинеше дека е невозможно да го завршиме овој автопат, денес тоа го постигнавме. Ова е новото, развиено, модерно и европско Косово, изјави Тачи.
Претседателот на косовското Собрание, Кадри Весели рече дека преку овој автопат Косово гради мостови на соработка со соседите.
– Денеска покажуваме дека Косово е фактор на стабилност кој гради мостови кои ги поврзуваат соседните држави. Се поврзуваме со мостови на соработка меѓу народите, рече Весели.
На премиерот Заев и на црногорскиот премиер Душко Марковиќ, кој исто така учествуваше на церемонијата, Весели им порача дека „во Косово секогаш ќе најдат партнер кој ќе биде посебен и искрен“ и кој ќе соработува со нивните народи и држави.
– Ние сме ви благодарни и секогаш ќе ви бидеме благодарни за вашиот позитивен придонес што секогаш сте го давале за нашата држава. И ние секогаш ќе бидеме кооперативни и полни со почит за вашите држави и вашите народи, рече Весели.
Косовскиот премиер Рамуш Харадинај рече дека автопатот „Арбен Џафери“, „освен што ги поврзува меѓу себе соседните држави, му дава еден нов лик на целиот регион“.
– Овој пат не зближува едни со други и не доближува со Европа. Ова дава еден нов лик не само на Косово, туку и на регионот. Се надевам дека со мојот пријател Зоран Заев ќе се состанеме на другата страна за да го инаугурираме преостанатиот дел од авопатот во Северна Македонија, рече Харадинај.
На свеченоста со честитки по повод завршувањето на изградбата на автопатот, на присутните им се обратија и црногорскиот премиер Марковиќ и амбасадорот на Соединетите Американски Држави во Косово, Филип Коснет.
Меѓу бројните гости на свеченоста, претставници на дипломатскиот кор во Приштина, министри во Владата на Косово и други видни личности од политичкиот и јавниот живот во земјата, беа и претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, вицепремиерот Бујар Османи и министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски.
Се проценува дека изградбата на автопатот што ја поврзува Приштина со границата со Северна Македонија, кој е долг 65,5 километри и на кој се наоѓа и најголемиот мост на Балканот, долг седум километри, чини околу 700 милиони евра.