Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, најавувајќи дека после изборите веројатно ќе се случи окрупнување на мнозинство, ја спомена опозициската Алтернатива на Африм Гаши, која, според него, е потценета во коалицијата со Алијанса за Албанците со Зијадин Села.
-Има некои гласини што се случуваат и јас како претседател на најголемата политичка партија го анализирам. Прво, имаме едно незадоволство на потценување на Алтернатива во коалицијата Алијанса – Алтернатива, тоа веројатно си има свои корења од парламентарните избори, а се рефлектираше во распределбата на одговорните со кандидати и советници меѓу Алијанса и Алтернатива еден дел, затоа се добиваат ваквите пораки кои доаѓаат од Алтернатива – рече Заев на ТВ 21.
Тој смета дека можен е пресврт во битката за градоначалник на Скопје, зашто, посочи тој, ситуацијата во вториот круг е многу порасчитена. Тој потсети дека ВМРО-ДПМНЕ со Коце Трајановски освои 101.000 гласови во 2017 година, наспроти сегашните 85.000 на Данела Арсовска.
-ВМРО-ДПМНЕ не само што не држи константа, туку паѓа континуирано паѓа. Проблемот е, ние го добивме жолтиот картон од нашите гласачи. Членството, активностите се тука, имавме со што да се пофалиме – комплетно еден нов концепт се демонстрираше и во Скопје и во општините. Модернистички наспроти барокниот. Тоа е паралелата којашто може да ја направиме – рече Заев, додавајќи дека, според него, победа на ВМРО-ДПМНЕ значи враќање на режимот.