Премиерот Зоран Заев би бил сведок во случајот „Монструм“ доколку судот го побара тоа од него, рече тој на денешната прес конференција во Владата. Според него, случајот е вратен од почеток зошто како што и тој претходно кажал, има други докази.
– Ако побара судот да бидам сведок и да кажам се што знам, тоа ќе го направам, тоа е моја граѓанска должнодт. Сите материјали што ги имам се предадени во судот, и разговорите на Зоран Заев, и на Бранко Црвенковски и на Горан Сугарески. Навистина им покажав на родителите разговори каде видовме како едно од осомничените лица, Азири, разговара со тогашниот градоначалник на Гостивар, Невзат Бејта и го моли да ургира за субвенции, јас го покажав тој разговор. Јас им покажав на родителите со кој разговарале и оние броеви кои се водат како непознати, рече Заев.
Премиерот рече дека не треба да се прави драма и за моментот дали Грција би ставила вето за влез во НАТО.
– Ако во мај имаме решение, почнува процесот за ратификација на договорот, затоа е поголем фокусот на решението. Дали автоматската покана ќе биде активирана од јуни, септември или октомври, зависи од решението. Многу е важно за нас пред се за старт на преговорите за влез во европската унија. Грција е најстарата членка во ЕУ и НАТО, треба да биде лидер во регионот. Се надевам дека ќе се случи средба со Ципрас која ќе значи дека останале 10 посто за решавање. Ако дојде до тоа веднаш ние седнуваме. Седнувањето на 7ми и 8ми мај не ни бега, но убаво е и претходно да седнеме, дај боже да се случи тоа. Секоја средба е од помош. Влегуваме во самата суштина, во самиот крај и треба да сме многу креативни, рече Заев.
Тој не сакаше да коментира кој би влегол во проширената владина коалиција, единствено рече дека разговара со секој субјект поединечно и очекува сите пратеници кои веруваат во едно општество за сите, во реформите и во решение на спорот со Грција да влезат во владината коалиција.
Заев додаде дека најверојатно ќе се прави ребаланс на буџетот на средина на годината поради повеќе точки.
– На средината на годината очекувам да правиме ребаланс, но последниот збор ќе го каже министерот Тевдовски. Ние даваме пари за проекти кои се економски исплатливи, не даваме пари за споменици. Во патиштата и железниците се најголемите капитални инвестиции, рече тој.