Одржувањето на изборите е важно за здравјето на граѓаните, за економијата и за демократските институции, но за жал денеска не успеавме да најдеме решение поради страв на Христијан Мицкоски од изборно соочување, вели лидерот на СДСМ Зоран Заев.
-Ние сме парламентарна демократија и Собранието мора да функционира и да има политичка Влада која ќе носи храбри одлуки. Во вакви околности кога немаме договор, остануваат термините, односно 22 дена од завршување на вонредната сосотојба да се одржат избори. Вонредната состојба завршува на 30 мај, на 21 јуни се изборите. Прашањето не е што сакаме, кога нема договор во секоја земја останува Закон и владеење на правото – рече Заев на Канал 5.
Според него, Мицкоски е исплашен од граѓаните и бега од изборно соочување поради нискиот рејтинг.
-Тоа не е причина да ја заглавиме државата. Мора да настапуваме одговорно, во интерес на граѓаните и државата. Ние првично се договоривме да одиме на избори на 12 април, кои ги одложивме заради пикот на коронавирусот. Изборите се веќе распишани, Парламентот е распуштен, кандидатските листи се поднесени и прифатени, имаше и жрепка за бројките на гласачкото ливче. Според нас, опозицијата не е подготвена и има страв од избори – порача Заев.
Тој посочува дека ако претседателот на Собранието повторно распише избори ќе го прекрши Уставот.
-Ако повторно претседателот Џафери распише избори, тој мора да се повика на 60 дена од распуштање на Собранието. Повеќе таа уставна можност тој ја има изгубено, тој не може да распише нов рок. Останува единствено валидниот рок кој е замрзнат заради вонредната состојба – истакна Заев.