Заев: Ако граѓаните останат дома институциите ќе одлучат за нив

by fokus

Не сакам ни да помислувам што ќе се случи доколку не биде исполнет цензусот, треба за пример барем тоа да го постигнеме. Ако не сега, кога? Ова е историска одлука. Оваа одлука можат да ја донесат само граѓаните. Драго ми е што преку врвната алатка во демократијата тоа граѓаните ќе го направат, изјави премиерот Зоран Заев, на денешната прес конференција во Владата.

Сепак тој навести дека доколку цензусот не биде постигнат, институциите ќе го имаат последниот збор.

-Може и граѓаните да не гласаат, поради неинформираност или од други причина да одлучат да останат дома. Во таков случај ја пренесуваат одлуката на институциите. Со сите правници се консултирав и дојдовме до заклучок дека тоа всушност значи така. Но не сакам ни да зборувам што доколку биде така. Нема ако. Овој пат на референдумот одговорноста ќе ја преземеме за себе и своето семејство, и ќе излеземе да гласаме онака како што мислиме. Опција има за или против. Но нема опција дали да излеземе или не. Треба да излеземе ако сме вистински патриоти – порача тој.

Тој испрати апел до граѓаните своето учество на референдумот да го сфатат сериозно.

-Сите знаеме дека огромно мнозинство ќе бидат за, и таа волја на граѓаните треба да ја почитуваме. Уверен сум дека ќе биде успешен со повеќе од 50 отсто излезност, и огромно мнозинство ќе гласаат за европската иднина. Нема друга алтернатива за Македонија. Можеме да бидеме различно партиски и религиски определени, богати или сиромашни, но сите сме еднакви граѓани со еднакви права и обврски во оваа земја. Сега правата и обврските доаѓаат заедно. Убеден сум до небото дека ќе излезат да ја кажат одлуката. Убеден сум дека ќе успее референдумот, а потоа ние ќе го послушаме нашиот народ – додаде тој.

Поврзани новости