ДУИ и лидерот Али Ахмети покажа големина и доблест за да јас ја предводам идната влада, како премиер со четиригодишен мандат, рече лидерот на СДСМ, Зоран Заев, по денешната средба со Ахмети.
Двајцата лидери по средбата информираа дека постигнале договор за владина коалиција.
-За мене е голема чест што јас ќе бидам премиер во полн четиригодишен мандат. ДУИ направи исчекор и покажа големина и доблест. Ова создава голема доверба меѓу нас како коалициски партнери, рече Заев.
Тој додаде техничката влада ќе се укине, со технички премиер и министри.
-Кога ќе ја укинеме техничката влада, при крајот на мојот 4-годишен мандат, на 100 дена пред редовните парламентарни избори, сите партии ќе бидат еднакви и рамни. На предлог на ДУИ ќе додјде премиерот кој ќе ја извршува функцијата премиер во тие 100 дена, појасни Заев.
Лидерот на ДУИ, Ахмети, прашан зошто се откажал од премиер Албанец, истакна дека идејата била да се доближат граѓаните.
-Морам да ја поздравам одлуката во последните 100 дена од мандатот на оваа влада на чело на владата да застане Албанец. Ова се години на храбри одлуки, а храбри одлуки носат само храбри луѓе, рече Ахмети.