И на премиерот, како и на претседателот му се доволни два мандати, за да не забега како Никола Груевски, изјави вечерва на трибина во скопска Гази Баба лидерот на СДСМ Зоран Заев. Тој повторно побара уште еден, како што вели, чист мандат од граѓаните, посочувајќи дека неговата политичка опција е сега поискусна.
-Знам дека не бевме сјајни, знам дека не им завршивме работа на сите, ама направивме многу за државата и учевме од грешките. За нашите политички опоненти сме небо. Затоа барам нов чист мандат од граѓаните, за со искуството од овие 2,5 години да направиме уште повеќе – рече Заев.
Според него, Али Ахмети почнал кампања за Албанец премиер кога сфатил дека ќе загуби на изборите.
-Виде Али Ахмети дека ќе губи и опа Албанец – премиер. Ти ќе му кажуваш на Заев за Албанец- премиер. Не бе брат, никој веќе нема да ја условува татковината. Граѓаните одлучуваат кој ќе биде пратеник, кој премиер, кој претседател. Ние покажавме дека не ни е проблем да биде кој било премиер ако е чесен и способен – изјави Заев.
Тој порача дека поранешниот премиер Груевски ќе се врати од Унгарија за да ја отслужи затворската казна за случајот „Тенк“.
-Груевски, надвор од секое меѓународно право за азил е заштитен во Унгарија. Тој тука беше слободен човек, одеше на рочишта, џогираше крај Вардар, судењата против него беа транспарентни. Затоа јас верувам дека тој ќе се врати во земјава – и во “Шутка’ и во ‘Идризово’ за да ја отслужи казната за случајот за кој е осуден, но и за да одговара за другите случаи против него – истакна Заев.