„Ако се насочиме сите кон изнаоѓањето решение, 2018 година може да биде година за паметење и за Република Македнија, но и за регионот, и за ЕУ и за НАТО. Затоа, неуморен оптимист сум и очекувам во јули покана на Македонија за влез во НАТО“, вели меѓу другото премиерот Зоран Заев во интервјуто за магазинот КорД, кој се печати во Белград, а за свои читатели ги има претставниците на дипломатскиот кор во земјите во регионот, како и јавноста во земјите од Балканот.
Заев на прашањето дали промените на Западен Балкан го прават фактор на стабилност во регионот или е сѐ уште регион што продуцира кризи, нагласува дека Западен Балкан покажа дека може да има искрени, енергични и посветени политички раководства, кои сакаат, можат и знаат да проценат што е потребно за своите граѓани, но и пошироко и се подготвени, без каклулации, да ги постават државите на вистинскиот пат.
„Ако некогаш Западен Балкан бил цврст во своите погледи кон заедничката индина, тоа е сега. И ова е многу важен момент. Ги препознавме потребите за меѓусебна поврзаност и соработка и ѝ покажавме на Европа дека е цела, безбедна и стабилна само со целосна интеграција на сите држави што географски, историски, културно ѝ припагаат. Сме фактор на стабилност на Европа, не на нестабилност, нема повеќе дилеми. За поздравување е што и Европа го препозна тоа и подаде раце кон Западен Балкан“, истакнува премиерот Заев за магазинот КорД.
На прашањето како ќе се усогласат поволните пораки од ЕУ за Република Македонија, особено по препораката за определување датум за преговори, со отвореното прашање за проблемот што Грција го има со името на нашата земја, Заев одговара дека со одлуката на Европската Комисија за кристално јасна препорака за отпочнување на преговорите со ЕУ, се потврдија политиките на актуелната влада, со кои за само 10 месеци се откочени процеси кои беа длабоко заглавени поради неодговорното однесување на претходната власт и заради политичката криза.
„Oчекувам 2018 година да донесе нови значајни позитивни промени во остварувањето на стратешките, евро-атлантски цели на државата и во квалитетот на живот на граѓаните на Република Македонија. Разговорите со Република Грција ги поставивме на пријателско и достоинствено ниво и моите очекувања се дека водат кон решение што носи добра иднина за граѓаните на Македонија и на Грција, но и на целиот регион“, потенцира премиерот Заев.
Во однос на приоритетите на домашната сцена, тој во интервјуто за магазинот КорД ги издвојува политиките за подигнување на животниот стандард и за мотивирање на младите луѓе да останат да живеат и работат во држава.
Претседателот на Владата на РМ Зоран Заев, во разговорот за овој медиум говори и за Планот за економски раст со кој е обезбедена повеќекратно поголема државна поддршка за фирмите и еднаков третман на странските и домашните компании.
„Тоа сметаме дека ја релаксира политичката клима, заедно со изградбата на едно општество за сите граѓани. Во тек се ефикасни промени во здравството и во образованието, а децентрализираме и многу сервиси на локално ниво, за граѓаните да имаат достапни услуги. Република Македонија по Устав е социјална држава и наш предизвик е да се справиме со сиромаштијата што ја затекнавме како состојба, но во меѓувреме и да обезбедиме соодветна социјална заштита на секој кој има потреба од неа. Надворешните приоритети, евро-атлантските интеграции, значат и реални шанси за поефикасно остварување на домашните приоритети, а со тоа и целосна стабилизација на граѓаните и државата“, вели Заев во интервјуто за магазинот КорД,во кое одговара и на повеќе други прашања за регионот, за односите со соседите, како и за геостратешките прашања поврзани со Република Македонија и Западен Балкан.