Седми ден е активен големиот пожар кој започна кај Пепелиште, Неготино, а потоа се прошири и на планината Серта. Од копно го гасат екипи од неготинската, кавадаречката, но и од противпожарни единици од други општини, бројни волонтери, припадници на армијата, екипи од јавни комунални претпријатија.
Се гаси и од воздух, а од вчера на терен се присутни и воздухоплови кои пристигнаа како меѓународна помош.
За битката со огнената стихија која се води, кавадаречките пожарникари од ТППЕ Кавадарци порачаа дека им донела сплотеност и нови пријателства. Сите вклучени во акцијата, без разлика што не се познавале меѓусебно, работеле на терен рамо до рамо, давајќи го својот максимум и борејќи се против заедничкиот непријател.
-Неколку дена по ред нашите пожарникари го делат ,,бојното поле” во Неготинско со пожарникари и доброволци, полицајци и војници од целата држава.
Од рано наутро до касно навечер покрај нашиот заеднички непријател-пламенот, на температура до 45 степени најголемо задоволство претставува крајот по завршената работа со чувството дека си направил нешто добро, нешто корисно за себе, за твоите најблиски, за државата.
Борбите со огнената стихија се водат рамо до рамо со до тој момент непознати лица кои имаат иста цел, а тоа е да направат нешто добро, нешто хумано.
Немила ситуација која носи и нешто добро, а тоа е сплотеност и нови пријателства.
Затоа ќе продолжиме да се бориме секаде каде што е потребно за доброто на нашите сограѓани, секогаш и секаде, порачаа пожарникарите.
За денес на Серта е најавено најмасовно гасење на пожарот од копно и воздух.
По одржувањето на состанокот на неготинскиот Кризен штаб синоќа, градоначалникот д-р Горан Стојанов информираше дека од воздух ќе се дејствува со 4 хеликоптери и 3 авиони за гаснење пожар, додека од земја ќе дејствуваат припадници на АРМ, МВР, ЕБР, пожарникари од повеќе градови, јавните комунални претпријатија, Национални шуми, ловџии и други доброволци.
Вики Клинчарова