Дел од земјите во регионот веќе најавија враќање на задолжителниот воен рок. Подготовките се при крај во Србија, а во Хрватска тоj ќе стартува од 1 јануари 2025 година, иако сè уште не е одлучено дали ќе биде два или три месеци. Широка дискусија се води и во Бугарија.
Оттука се наметнува прашањето дали и македонските власти размислуваат за враќање на задолжителниот рок?
Од Министерството за одбрана за ,,Фокус” велат дека засега нема потреба од задолжителен воен рок.
-Оцијата за доброволно служење воен рок во времетраење од три месеци е достапно за сите граѓани кои имаат наполнето 18 години, но немаат наполнето 26 години. Истото може да го направат со поднесување лично барање до Одделенијата за одбрана за региони на Министерството за одбрана.
Согласно проценките на безбедносните институции во моментов не е утврдена потребата од повторно враќање на воениот рок. Македонската Армија е професионална Армија и согласно стратешките документи и долгорочниот план за одбранбени способности фокус е нашата Армија да биде високо подготвена и опремена согласно НАТО стандардите, велат од Министерството за одбрана.
Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова, неодамна изјави дека треба да се оди во војска, но доброволно.
„Да мислам дека треба да се размислува. Мислам дека има луѓе кои би сакале да служат воена обврска доброволно и зошто тоа да не го дозволиме. Мислам дека тогаш уште попозитивен ќе биде односот и кон армијата. Треба да се отвори темата, треба да се разговара, треба да се слушнат аргументите“, изјави Сиљановска Давкова.
Сепак, уште од 2006 година, со укинувањето на задолжителното служење војска, со Законот се предвидува можност за доброволно служење.
Професионална служба завршува со наполнување на 45 години. Но потоа со можност за вработување во некој од органите на државната управа или пак добивање на 20 просечни плати.
Поделеност има и кај експертската јавност, која во изминатиот период го споделуваше своето мислење. Според дел, задолжителното служење на воениот рок е неопходно во сегашната констелација на меѓународните односи, а дел сметаат дека тоа е непотребно, особено од аспект на високите финансиски трошоци и со оглед на фактот дека Северна Македонија од 2020 година е членка на најголемата воена алијанса НАТО.
Задолжителниот воен рок наскоро ќе се врати во Србија, бидејќи пред неколку дена претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го потпиша договорот за редовен воен рок од 75 дена. Според Вучиќ, потребата за силна армија никогаш не била поважна за одбраната на земјата.
„Сакам да верувам дека сите разбирате колку е неопходно да имаме силна армија. Ќе треба да купуваме и развиваме ново оружје, да градиме и зајакнуваме“, истакна Вучиќ.
Тој нагласи дека, иако Србија не планира напад на ниту една држава, задолжителниот воен рок е клучен за зајакнување на одбранбените капацитети.
Обврската за воен рок беше укината на 1 јануари 2011 година, кога Србија премина на професионални вооружени сили. Оттогаш, младите можат доброволно да служат војска, но сега Владата на Србија го ревидира овој модел со цел да ги зголеми своите одбранбени капацитети.
Валентина Вурмо