Австрија ќе воведе обврска за вакцинирање против коронавирус за возрасните граѓани на почетокот на февруари, а во исто време се предвидуваат и високи казни за оние кои ќе одбијат, изјави австрискиот канцелар, Карл Нехамер, додавајќи дека е свесен за чувствителноста на првата ваква одлука во Европа која создаде поделби во општеството.
„Како што е планирано, на почетокот на февруари ќе воведеме задолжителна вакцинација за сите граѓани постари од 18 години“, изјави шефот на австриската влада на прес-конференција во Виена.
Во текот на неделата во парламентот имаше жестоки дебати за овој проект. Во моментот има комплетен распоред за вакцинација за околу 78,5 отсто од населението.
„Се работи за чувствителен проект, но е во согласност со Уставот и бара фаза на прилагодување во која ‘непослушните’ ќе можат да се вакцинираат до средината на март“, објасни канцеларoт.
Потоа ќе се изврши проверка, а статусот на невакцинирано лице ќе биде прекршок за кој поединецот, во случај да го повтори, ќе добие парична казна од 600 до 3.600 евра.
Нехамер, исто така, рече дека направена е отстапка од вакцинацијата на малолетни лица над 14 години и дека законот ќе важи само за возрасните.
Предлог-законот за задолжителна вакцинација парламентот треба да го изгласа в четврток.
Австриската влада ја оправдува мерката со пренатрупаноста во болниците и желбата да се постигне стапка на вакцинација од 90 проценти во земјата, што би овозможило постигнување на колективен имунитет.
Исклучок ќе бидат бремените жени и сите лица кои поради здравствени причини не можат да се вакцинираат.