Задолжителен ковид-документ за студентите и професорите во Грција

by Fokus

Под здравствени протоколи, со задолжителен документ за Ковид-19, како за студентите, така и за професорите, со физичко присуство, по речиси 19 месеци, од денеска постепено се отвораат универзитетите во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.

Иако за денеска беше закажан официјалниот почеток на академската година, сепак, дел од Универзитетите, од кои два во Солун, два во Атина и еден на Лезбос, како и неколку Факултети соопштија дека почетокот го одложуваат за една седмица за подобро да се подготват за спроведување на здравствените протоколи.

За професорите и за студентите задолжителен е сертификат за вакцинација со поминати 14 дена од втората доза или потврда за прележан Ковид-19 во изминатите шест месеци или негативен ПЦР/рапид тест, што ќе биде задолжителен два пати седмично и на нивен трошок.

Конкретниот документ поврзан со Ковид-19 ќе се регистриран на специјална интернет платформа, додека пак Универзитетите ќе можат да вработат дополнителен персонал задолжен исклучиво за проверка на сертификатите.

Во однос на протоколите за работа, меѓу другото секој факултет или секоја катедра ќе треба да одреди одговорно лице за управување со Ковид-19; амфитеатрите ќе функционираат со полн капацитет; маската ќе биде задолжителна како во внатрешните делови, така и надвор во случај да постои гужва, а во однос на програмите за размена на студенти ќе се следат правилата што важат за патувањата.

Паралелно, коментарите на грчката Влада се дека е многу охрабрувачки процентот на вакцинација на академската заедница.

Портпаролот на грчката Влада Јанис Иконому, минатата седмица соопшти дека над 75 отсто од студентите или примиле една доза од вакцината или прележале, а над 91 процент од наставниот и истражувачкиот кадар се вакцинирани.

За невакцинираните, планирано е во рамките на Универзитетите или да се отворат центри за вакцинација или да има мобилни единици за имунизација.

Поврзани новости