Во време кога повеќе од половина милион наши сограѓани земале потрошувачки кредит редно е да се запрашаме, која е целта на тие кредити и дали тие биле оправдано искористени?
Економската состојба во нашата држава и личните потреби, несомнено доведуваат до ситуација речиси секој граѓанин во некој момент да побара финансиска поддршка од финансиска институција, најчесто банки или финансиски друштва.
Кредитот е продукт кој што ни дозволува да направиме определена инвестиција со цел подобрување на нашето секојдневие, за што сме спремни да плаќаме определена камата. Во зависност од тоа каква е таа инвестиција си определуваме и времетраење на кредитот кој што треба да го вратиме.
Задолжување со станбен кредит во времетраење од 10 години е сосема логично бидејќи сме си обезбедиле место за живеење за цел живот. Но да се задолжиме со потрошувачки кредит за одење на 7 дневен одмор во времетраење од 5 или 10 години колку што нудат некои банки е сосема нелогично и екстремно скапо.
Додека инвестиција во стан, автомобил или реновирање во домот е сосема оправдана инвестиција за кој земање на кредит со разумна рочност е логичен потег, земањето на кредит (на долги рокови) за купување на најновиот модел на телефон, одење на одмори и друг вид на луксузирање е крајно нелогично задолжување.
Зошто е тоа така? Еве неколку едноставни образложенија (размислувања) подолу
Стекнување стан за живеење или куќа во своја сопственост ни овозможува долгорочно решавање на животно прашање да имаме свој дом наместо да плаќаме закупнина, инвестирање во реновирање на постоечкиот дом ни овозможува да му ја зголемиме вредноста и вооедно да ги намалиме месечните трошоци за ладење и греење, купувањето на возило ни овозможува да сме автономни и да може да го користиме за превоз на целото семејство… Доколку за овие потреби размислуваме да земеме кредит бидејќи немаме доволно свои финансиски средства лесно можеме да ја согледаме економската оправданост. Имено кредитот би го вратиле за пет до десет години а недвижноста или возилото би ги користеле значајно подолг период од периодот на отплата на кредитот. Со тоа би си ја зголемиле нашата имотна состојба по отплата на кредитот, за што би можело да се каже дека сме направиле паметна инвестиција.
Но ситуацијата ќе биде многу понеповолна доколку земеме кредит за да купиме скап мобилен телефон или за да одиме на одмор кој финансиски неможеме да си го дозволиме.
Кредитот што сме го земале за задоволување на оваа потреба или луксуз, ќе го отплаќаме долго по исполнувањето на оваа наша потрошувачка потреба а единствената работа со која ќе се стекнеме е долг збогатен со камати и провизии. Во овој случај нашата инвестиција би била во каматата и провизиите кои би ги им ги плаќале на финансискате институции на штета на исполнувањето на нашите основни месечни редовни потреби и трошоци. Банките и финансиски друштва ќе си го наплатат побарувањето за дадениот кредит со камата и провизија, а ние веќе по отплата на неколку рати стануваме свесни дека кредитот е преголем товар за нас а и забораваме зошто воопшто сме го земале бидејќи потребата била моментална или краткорочна. А за жал, на грбот ќе носиме долг кој ќе не следи со години.
Затоа секогаш треба да бидете внимателни и одлучите добро за што ќе се задолжувате. Ако веќе користете кредит направете го тоа за задоволување на долгорочни потреби.
Задолжи се за да инвестираш, не за да се луксузираш!
Трка по поголеми профити или вистинска финансиска поддршка на граѓаните
Кога ќе погледнеме на потрошувачките кредити од страна на кредиторите, приметуваме дека сме бомбардирани од примамливи рекламни понуди за брзи кредити и потрошувачки кредити кои го окупираат медиумскиот простор. Кредити со кои се “исполнуваат сите желби”, кредити кои се одобруваат за “минута”, кредити “скроени за секого“ и кредити дизајнирани без конкретна намена, со “брзи процедури за одобрување” и “минимална потребна документација”.
Но, прашањето кое треба да си го поставиме е дали се кредитира одговорно?
Што е концепт на одговорно кредитирање?
Концептот на одговорно кредитирање е формално опишан во стратегиите на финансиските институции, односно во нивните деловни политики, бизнис планови или во кодексите за корпоративно управување.
Овој концепт подразбира обезбедување најдобра финансиска поддршка за клиентите, дизајнирана според нивните реални потреби и можности. Банката или финансиското друштво пред да донесе одлука за кредитирање, неопходно е да спроведе сеопфатна кредитна и финансиска анализа на клиентите, се со цел да утврди дали имаат доволен кредитен капацитет за сервисирање на обврските за целото времетраење на кредитот. Со други зборови, одговорното кредитирање подразбира проценка дали клиентот реално може да го врати кредитот во договорениот рок, имајќи ги во предвид просечните трошоци за живот во нашата земја и останатите месечни трошоци кои ја оптоваруваат платата (на пример ратите за други кредити). Крајната цел на концептот на одговорно кредитирање е да се изгради долгорочна врска со клиентите, да се финансираат нивните потреби, пред се за инвестирање, но без притоа клиентите да се доведат во ситуација на презадолженост на краток или долг рок. На пример, отплата на ратите за потрошувачки кредити преку повлекување средства од лимитите на кредитните картички или минусни салда на сметките, кои од месец за месец остануваат во целост искористени, претставува еден од првите рани сигнали дека клиентот се соочува со проблем при отплатата на кредитите.
Две клучни прашања се наметнуваат во овој домен:
Дали концептот на одговорно кредитирање е вграден во активностите кои кредиторите – финансиските институции ги спроведуваат во пракса при кредитирање на граѓаните или останува само на хартија?
Дали во трката по поголеми профити, кредиторите создаваат клима за презадолжување на населението и потенцијално должничко ропство на долг рок?
Согласно расположливите податоци, во последната деценија, кредитното портфолио на физички лица кај банките забележа континуиран тренд на пораст. Просечната годишна стапка на раст изнесува 10%, што реално значи кредитно портфолио двојно да се зголеми. Во апсолутен износ порастот изнесува 1.6 милијарди евра за овој период1.
Главен двигател, кој најмногу придонесе за растот на кредитното портфолио на физички лица се кредитите наменети за финансирање на личната потрошувачка. Кога на ова ќе се додаде и брозорастечката индустријата на брзи кредити, која забележа триплирање на портфолиото за
период од 5 години2, очигледно е дека се случува експанзија во кредитирањето наменето за финансирање на потребите за личната потрошувачка.
Воедно, во последната деценија, очигледен е трендот на поместување на стратегиите на кредиторите кон попрофитабилниот сегмент на кредитирање на домаќинствата за сметка на кредитирање на бизнисите. Кредитите на домаќинствата се одобруваат со повисоки каматни стапки во споредба со кредитите на бизнисите, што го прави овој сегмент поатрактивен. Приходите остварени од камати од домаќинствата ги надминуваат приходите остварени од камати наплатени од бизнис секторот. Воедно, потрошувачките кредити, кредитните картички и минусните салда на сметки се одобруваат со каматни стапки кои се повисоки од оние на станбените или инвестициските кредити, што оди во прилог на фактот дека кредитирањето преку овие продукти носи повисоки приходи од камати и следствено, повисоки профити.
Кредитори кои бележат големи профити и граѓани на кои недостапното им станува брзо достапно е наизглед ситуација која им одговара на сите.
На кредит се оди на одмор или патување, се купува бела техника и скапи телефони, односно се купува денес, а се плаќа во наредните 5-10 години. Доволно е да имате воспоставено редовен работен однос и “слободна половина од платата” и веќе на располагање имате десетици понуди за потрошувачки кредити кои достигнуваат износи и над 40 просечни нето плати.
Бројките говорат дека вкупната задолженост на домаќинствата со крајот на 2020 година достигна речиси 3.3 милијарди евра. Но, особено загрижува податокот дека над 80% од кредитокорисниците остварувале месечни примања пониски од 30 илјади денари, а им должат на банките околу 1.6 милијарди евра. Во 2019 година, просечната оптеретеност на месечните примања на клиентите со рати за потрошувачки кредити изнесувала 55%. Од друга страна, во просек месечната рата за отплата на потрошувачките кредити изнесувала 5.7 илјади денари. Дали слободната половина од платата на овие клиенти била доволна за да се покријат редовните месечни трошоци за живот е прашање кое се судира со концептот за одговорно кредитирање во пракса.
Сепак, се чини дека концептот на одговорно кредитирање сеуште е заложник во трката за повисоки профити и поголеми пазарни удели.
Стевче Кузмановски – банкар