Текстот е објавен во 868. број од неделникот „Фокус“ на 17. февруари 2013
Пред безмалку 20 години, тазе обединетата Германија беше тешко навредена од грчки министер, кој, ни пет-ни шест, ја дисквалификуваше како ,економски џин со мозок на политичко џуџе,. После толку години, неодамна повторно сведочевме на непристојност од Атина кон Берлин. Наместо да бараат прочка за лажните финансиски показатели, кои со години ги подметнувала во Брисел, грчките мангупи побараа надомест од денешна Германија за штетите што ги претрпеле со нацистичката окупација.
Германската јавност збесна, но, нејзините закани завршија како меур од сапуница. Наместо посакуваното дисциплинирање на Грција во времето што чиниш беше порачано за такво нешто, се случи чудо. Токму Ангела Меркел беше предводник на првиот пакет европска помош за аздисаниот јужен сојузник.
Тие по неа со камен, таа по нив со – кеш. Зар е можно?! Тоа беше првиот шок за дел од нашата јавност, која сѐ уште се поведува по ,експертските, мислења од гранапчиски маштаб. Неуките се понадеваа дека ќе изградиме среќа врз туѓа несреќа. Демек, атинската каса е празна, Грција ќе банкротира, па најпосле и ние ќе се раатисаме од нејзините бесрамни уцени. Ај што лажела и на туѓа сметка со децении живеела, туку сега нашла безобразно да ѝ се чалами на една Германија. Еј, човече, дури сега ќе и го расплачат мамичето, зуеја бумбарите задолжени за ширење лажна надеж во искрените патриотски срца. За оние, пак, што во битката за името гледаат само добар изговор за менување на нашиот западен курс, следуваше ,надградена експертиза,.
Банкротот на Грција ќе предизвика брз распад и на целата Европска Унија, па дури тогаш нема никаква причина за итање кон Брисел. Да, бе, Германците почнале да му пеат опело на еврото и веќе печатат златни марки за црни денови!!!
Во меѓувреме, германската јавност бараше одговор на прашањето, дали вреди да се бори за зачувување на европското единство? Не требаше долго, за да се сфати дека Германија нема никаков зијан од него. Напротив. Веќе доминира ставот, дека без ЕУ би биле силен тим од едвај локална лига во глобалниот натпревар со останатите можните држави. Јасно е дека нема ќар од пропадната Грција денес или Португалија утре, кои со враќањето на нивните стари валути ќе имаат уште помалку пари за увоз на германските машини. Конечно, зајакна свеста за клучното значење на Унијата – сочуваниот мир на европскиот континент во историски незамисливо долг период од безмалку седум децении. Германија не сака било кој да ја потсетува на одговорноста за штетите од последната светска војна, но, тоа воопшто не значи дека веќе заборавила на нив.
Во крајна линија, подобро е самата да се сети, отколку да чека на потсетување од ,зад барата,. Случајно или не, ама Меркелка ги извади првите милијарди за спас на Атина веднаш после средбата со Обама. Точно, без збор да каже за спомнатите грчки потсетувања на воените штети!
Сево ова треба да се знае, за да се има елементарен увид во сложената слика, која простаците ни ја сликаа со неопислива леснотија, чиниш е јасна ем проста како гравче тавче. Затоа денес имаме незадоволство повеќе кај многу граѓани. Бројни се оние што му веруваат и на Груевски, кога уличарски неодговорно вели дека големите сили и играле пиперевка на Грција. Мислиш, туку-така ја вадат од дупка, од филантропски причини, оти премногу ја сакаат. Но, пропагандата не може да биде успешна, ако не ги сокрие клучните факти. Како ќе можеа да го швркнуваат народот, ако веднаш му кажеа дека спасувањето на Атина значи спасување на можни западни банки, вклучително германските, кои би тонеле паралелно со грчкото давење?!
Нормално, немаше да има верба во скаската за крахот на ЕУ при првата поголема финансиска бура, доколку се предочеа клучните причини за нејзиното создавање. Ете најпосле нешто, кое навистина е просто како гравче!
Па, луѓе мои, ние стигнавме до дереџето, Филип Рикер да ни го црта значењето на консензусот при одлучувањето во НАТО, без кого немаше да има толку долг мир на континентот. Нам мораше и Ангела Меркел да ни ја објаснува улогата на компромисот, како суштински елемент за развивање на европскиот проект. И тоа пред Пастирот лично, кој вообичаено игнорантски ја прими и таа ,дребност,. Уште повеќе, на канцеларката ѝ упати суптилно предупредување, на Хашката пресуда да гледа со неговите очи, оти, во спротивно, Германија веќе нема да му биде глобален фаворит во почитувањето на меѓународното право.
Колку е само тоа бесмислено, после проклето јасниот став на Меркел, дека Хаг е важен, ама пустиот компромис со Грција е уште поважен за нашиот влез во Алијансата! Така, лека-полека, го доживеавме рушењето на можеби најважниот мит, дека Пастирот е некаков човек на Берлин. Таа лажга беше грижливо градена од самиот почеток, уште пред изборите во 2006-та. Германска фондација ги обучуваше ,преродените, вмровци. Антонио Милошоски беше долго време по наука во Германија. Богами, и Мартин Протогер е ,немачки школарац,. Тука е и Срѓан Керим, прочуениот ,германски човек, во ново портокалово руво.
Сето тоа беа мирудии за чорбата на спин-мајсто рите, дека зад актуелнава власт стои се помоќниот Берлин. За жал, според начинот на владеење, зад неа може да стои Германија, ама онаа Источната, која одамна замина во историјата, сосе причините за нејзиното постоење. Се разбира, остана во некои воспалени глави, кои сѐ уште цртаат оски на нови поредоци, меѓу Берлин и Москва, со Пекинг и Анкара, се до Хундистан, како некаква противтежа на Западот. Се продаваа севозможни бесмислици за ѓоа современо гледање на новонастанатиот поредок, само за да се оправда закочениот ни интеграциски процес. За да јакне тоталитарната власт на омилениот Пастир под лажната патриотска наметка. Чиста среќа, што лондонски Економист не го имал и ова предвид при мерењето на нашиот индекс на мизеријата!
Но, што правиме сега? Вашингтон не чекаше на Хашката пресуда, туку два дена пред нејзиното обзнанување порача, да не ѝ се ра дуваме премногу. И пријателска Турција, несомнениот грчки противник, не вели да се крстиме во неа.
Еве ја сега и Меркел, која повторно инсистира на фамозниот компромис, без оглед на сите наши неспорни правдини. Со што ли сега ќе се лаже народот, да издржи уште малку, оти Грција само што не останала без нејзините можни пријатели? Пред некој повторно да ги запали моторите кон Русија, ќе потсетам на пораката од Лавров, дека на Москва не ѝ е баш драго, ама македонскиот пат е во НАТО. Баш така е кажано уште пред четири години, после самитот во Букурешт. Нека се има предвид, кога некој повторно ќе се обиде да нѐ убеди, дека ние имаме проблем само со Грција.
Час поскоро треба да сфатиме дека одамна имаме проблем со сите оние што го диктираат планетарното темпо. Во спротивно, влегуваме во ризик од констатирање на најтешката дијагноза за која нема лек. Кој може да им помогне на оние што имаат проблем со самите себе?!