Зад конфликтот во Галате стои ДУИ за да се добере на власт, тврди Мицкоски

by Fokus

Преку инциденти како што беше конфликтот во Галате ДУИ, но и македонски партии кои се во опозиција сакаат да се вратат на власт, вели премиерот Христијан Мицкоски за тензиите што деновиве се случија за црквата во Галате.

-Одговорност мора да има затоа што ако нема одговорност тогаш грешките од минатото ќе ни се повторуваат. На социјалните медиуми излегоа некои слики од луѓето со политички лидери од минатото, имајќи во предвид дека градоначалникот на Општина Врапчиште е од структурите на поранешна Алијанса на Албанците сега лојална на Зијадин Села и имајќи во предвид дека началникот на ОВР Гостивар дел од ДУИ, тогаш ви е јасно која била целта и намерата и што требало таму да се случи, рече Мицкоски во интервју во поткастот „Претрес со Ландов“.

Тврди дека ова го очекувал и дека овие тензии ќе продолжат бидејќи како што изјави опозицијата има криза на идеи.

-Јас ова го очекував и ова ќе продолжи затоа што опозицијата има криза на идеи, криза на проекти, криза на конструктивни предлози, и единствен начин да привлече внимание е токму овој а тоа е со етнички, а сега отидоа чекор понапред со верски тензии. Не очекувам дека овој изолиран инцидент ќе заврши тука и ќе престане, рече тој.

На прашањето дали ДУИ сака да се врати на власт преку вакви инциденти, Мицкоски рече дека не е само ДУИ, туку има партии и од македонскиот блок кои се опозиција.

Претседателот Мицкоски додаде дека ова е погрешен начин и стратегија за делување, бидејќи овие конфликти само создаваат негативни чувства кај граѓаните.

-Мислам дека на ваков начин тие со ова создаваат дополнителни негативни чувства кај граѓаните во однос на нивното функционирање. Друго е вие да излезете во јавноста со идеи, проекти, издржана критика, но да предизвикувате ваков тип на конфликти, за мене е погрешна стратегија, изјави Мицкоски.

Додаде дека не може да се очекува криминал да нема, но важно е каква ќе биде борбата против криминалот.

-Не можете да очекувате дека нема да има криминал, но, битно е каква е вашата борба со криминалот и дали како политичар зависите од милоста на тие криминални банди. Тоа е суштината, изјави Мицкоски.

Тој потенцираше дека како Влада треба да докажат и да направат дека криминалот е неисплатлив, односно после сторениот криминал веднаш да се делува и да се фаќаат тие луѓе.

-Ние треба да направиме како Влада и да докажеме дека не се исплаќа да си криминалец, односно после сторениот чин на криминал веднаш да делува и да се фаќаат тие луѓе, порача Мицкоски.

Поврзани новости