Трошоците на живот во април годинава (инфлацијата) се повисоки за 10,5 отсто, во споредба со истиот месец лани, додека цените на мало се зголемиле за 11,1 отсто.
Во рамките на храната, најголем скок има на цените во ставката „масти и масла“ од дури 31,9 проценти. Цената на електричната енергија е зголемена за 9,5 проценти, на гасот е 46,5, а на течните горива дури 53,3 проценти.
За една година поскапел и мебелот, за 3,5 проценти, како и апаратите за домаќинства за 5,6 проценти.
Прогнозите за инфлацијата не се смирувачки. И Народната банка потврди дека претстои период на нагорни притисоци за цените. Од Агенцијата за храна на Обединетите нации оценуват дека се ова највисоки цени во последните децении, но предупредија и на понатамошен раст.
Многу европски земји пријавија двоцифрена инфлација уште во март. Евростат објави дека инфлацијата во Холандија во март била 11,9 проценти, 14,8 отсто во Естонија и 15,6 отсто во Литванија, а дека најкритична е ситуацијата во Турција, каде инфлацијата била 61,13 проценти.