Марјан Забрчанец, национален координатор за стратегиски комуникации, вели дека воведениот полициски час во текот на целиот викенд нема да значи прекршување на слободите и правата на граѓаните.
-Доаѓам од Влада која нема намера да ускратува слободи на граѓаните, туку има намера да го штити нивното здравје. Ние имаме системи за транспаретност, така е и сега во време на вонредна состојба. Постојано сме во комуникација со медиумите, имаме нова страница за корона вирусот, имаме пресови, соопштенија…. На ниво на цела Европа, има држави кои воведоа целосна забрана за движење, освен одење во продавница. Кај нас мерките одат постепено – рече Забрчанец на Телма.
Тој истакна дека целта на полициски час не е да се забрани движењето, туку, како што рече, да се спречи ширењето на вирусот.
-Оваа рестрикција сега има една единствена цел, а тоа е да доведе до што поскоро олабавување на мерките, меѓутоа за да се случи тоа мора да бидеме сигурни дека пикот е достигнат, дека кривата започнува да се движи надолу, дека бројот на новозаболени се намалува, а тоа ќе биде возможно само доколку се издржи овој период и доколку останеме во своите домови за време на викендот и за време на празниците што следат – истакна Забрчанец.