Не смееме да се плашиме од преговорите за членство во ЕУ. Напротив, треба со засукани ракави да ја зграбиме секоја можност за чекор напред кон членство во Унијата, порачува националниот координатор на Владата за Отворен Балкан и за регионални иницијативи, Марјан Забрчанец.
Според него полесен или алтернативен пат нема, а сите идеи дека има некако заменски план се опасни планови на, како што вели, антизападните центри кои земјава сакаат да ја носат во режими и изолации.
Забрчанец порачува дека во услови кога македонскиот јазик и идентитет се загарантирани глас против отворањето на преговорите е глас против евроатлантската определба на државата.
-Нашата позиција е јасна: гаранција за македонскиот јазик и идентитет. За тоа сигурен сум дека ќе се избориме, зашто друга опција не постои и никој тука не ни помислува на друга опција освен чист, дефиниран и деклариран македонски јазик во преговарачката рамка. Но, за останатото треба да засукаме ракави, да преговараме, да разговараме, да сработиме. Ни Преспа не ни падна од небо, си ја сработивме и уште реализираме обврски од Договорот, бидејќи тоа подразбира да се биде одговорна власт. Гласот против отворање на преговорите со ЕУ во услови на гарантиран македонски јазик и идентитет е глас против демократската и европска агенда на Македонија и глас против нашата западна евроатлантска определба. Гласот против Европа е пропратен со руски знамиња и вергини, наведува Забрчанец.