Поради добиени позитивни лабораториски наоди за зголемено присуство на манган, над максимално дозволените концентрации согласно Правилникот за барање за безбедност и квалитет на водата за пиење, Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во петокот, издаде забрана за користење на водата за пиење од градскиот водовод во Гостивар.
На јавното комунално претпријатие „Комуналец“ кое стопанисуваа со водоводната мрежа во овој град, наредено му е да ги извести граѓаните за забраната, односно дека водата во градскиот водовод не е безбедна за пиење и да обезбеди питка вода за пиење.
По издадените наредби од инспектор за храна на АХВ, ЈКП „Комуналец”, постапило веднаш.
Во саботата, земени се 4 мостри за бактериолошко и физичко – хемиско тестирање на водата од градскиот водовод, со акцент на присуство на манган, од различни локации и од страна на инспекциските служби на АХВ и од Центар за јавно здравје Гостивар, чии резултати се уште не се добиени.