Македонскиот Олимписки комитет информира дека Анамарија Георгиевска нема да настапи на Младинските олимписки игри Буенос Аирес 2018, поради проблем со тежината.
Георгиевска, која со нашата делегација веќе е во Буенос Аирес, и го носеше знамето на свеченоста на отворањето на игрите, требаше да настапи во таеквондо, во категоријата -55 килограми. Како што информираат од комитетот, проблем биле 500 грама повеќе од дозволеното, по што не добила дозвола за настап.
-Анамарија, на 6 Април 2017 година, доби покана од страна на Меѓународниот Олимписки комитет (ИОК) и Светската Таеквондо федерација (СТФ) да настапи на МОИ Буенос Аирес 2018. Во тој период, таа имаше 54 кгр. и беше пријавена во категоријата -55кг. Мора да се истакне дека во тој период беше тешко да се предвиди како таа ќе се развива и дали ќе биде една или две тежински категории погоре за време на МОИ. Во меѓувреме, Анамарија Георгиевска во 2018 година оствари историски резултат за македонскиот спорт и освои јуниорски бронзен медал од светско првенство во Тунис во категорија -59кг.
Македонскиот Олимписки комитет и Македонската Таеквондо Федерација испратија бројни дописи до ИОК и до СТФ за промена на категоријата во која таа ќе учествува, но за жал сите можни обиди и дописи за да се промени категоријата на овие игри за Анамарија беа одбиени од страна на СТФ. Анамарија, во консултации со својот тренер и лекарската екипа во МТФ, го прифати тој предизвик иако тоа значеше напорен период и за неа и за нејзините тренери. Вчера, на официјалното мерење, на Анамарија и беа измерени 500 грама повеќе од дозволеното со што таа не доби дозвола за настап.
Веруваме дека ова ќе претставува уште еден силен мотив за Анамарија да биде уште подобра и да биде уште поодлучна во своите планови да биде бр.1 во светот – информираат од МОК.
На втори октомври, најдобрата млада Олимписка делегација имаше свое свечено испраќање на третите Младински олимписки игри Буенос Аирес 2018 (6-18 Октомври 2018 година), а на четврти октомври тие пристигнаа во Буенос Аирес, во младинското олимписко село.
На свеченото испраќање одржано во ПАРК ХОТЕЛ &СПА, присуствуваше претседателот на Македонскиот олимписки комитет, д-р Васил Тупурковски, спортскиот директор Владимир Богоевски, М-р Даниел Димевски Советник за спорт на Претседателот на Владата на република Македонија, претставници на Националните спортски федерации, тренери, спортисти и новинари.
Спортистите кои долго време се подготвувале за Младинските Олимписки игри, финансиски во целост се помогнати од страна на Македонскиот Олимписки Комитет.
Анамарија Георгиевска-таеквондо го вееше македонското знаме на свеченото отварање на Младинските Олимписки игри. Покрај Анамарија, чиј тренер е Борче Костовски, на МОИ во Буенос Аирес се следните млади спортисти:
КАРАТЕ (СПОРТИСТ): ФАХИК ВЕСЕЛИ – освоена “А“ Олимписка норма
КАРАТЕ (ТРЕНЕР): АЛЕКСАНДАР КУЗМАНОВСКИ
ЏУДО (СПОРТИСТ): ХАМЗА ЈАШАРИ – освоена “А“ Олимписка норма
ЏУДО (ТРЕНЕР): ИГОР ПАСКОСКИ
АТЛЕТИКА (СПОРТИСТ): БЕРАТ МУСТАФА
АТЛЕТИКА (ТРЕНЕР): БЕЏЕТ ТОЧИ
ПЛИВАЊЕ (СПОРТИСТ): МИА КРСТЕВСКА
ПЛИВАЊЕ (ТРЕНЕР): ЈАНЕ КАРАЈОВАНОВ
БОРЕЊЕ (СПОРТИСТ): ДРАГАН ВЕЛИНОВ
БОРЕЊЕ (ТРЕНЕР): СУФИЈАН ИСМАИЛИ
Македонската делегација е предводена од шефот на мисија Владимир Богоевски – спортски директор на Македонски Олимписки Комитет.
Вики Клинчарова