На предлог на Министерството за економија, Владата на денешната седница донесе две одлуки за ограничување на извозот на одредени производи и одлука за укинување на царината за увоз на масло за јадење од сончоглед.
Како што објави министерот за економија Крешник Бектеши, овие одлуки се донесени со цел да се избегнат шпекулативни дејствија на трговците и производителите и за заштита на домашното производство, домашниот пазар и граѓаните, како и да се одржува снабдувањето на домашниот пазар од растот на цените.
– За да се спречат сериозни пореметувања на пазарот во земјата, кои може да настанат со извоз на пченица и брашно од земјата, Владата донесе одлука до крајот на годината, односно до 31.12.2022 година да се ограничи извозот на пченица и наполица и брашно од пченица и наполица. Во услови на економската криза предизвикана од воените случувања во Украина и пореметувањата на светскиот пазар на пченица на кој се јавува сериозен недостиг на пченица, потребно е да се превенираат евентуалните дополнителни нарушувања на пазарот во земјата кај овие основни прехранбени производи, неопходни за исхрана на населението, се наведува во соопштението од Министерството за економија.