Краставиците кои се продаваат по цена од 200 денари, па нагоре, се главна тема деновиве, а чести се и шегите кои граѓаните си ги објавуваат на своја сметка, по повод големото поскапување на градинарските производи.
Илјадници поплаки поради високата цена на производот кој е редовен на трпезата како дел од повеќето традиционални салати, можат да се прочитаат на социјалните мрежи. И додека граѓаните негодуваат, бидејќи краставицата станува луксуз, земјоделец од струмичко им одговори на оние кои се пожалија од поскапувањето.
-Скапи ли ви се краставиците и доматите? Па тоа е нормално, бидејќи не им е сезона! Се одгледуваат под фолии, треба затоплување, одржување, прскање… Своевремено, во зима сонувавме за краставици и патлиџани! Јадете туршија и не туку негодувајте – напиша на социјалните мрежи земјоделецот, а неговата објава предизвика внимание.
До пред петнаесеттина години, градинарските производи кои се продаваа вон сезона, секогаш беа со доста високи цени. Токму поради тоа, кај нас се уште е останата традицијата да се приготвува зимница.
Во изминативе години, цените на овие производи значително беа намалени, со што народот свикна на краставици и домати по пристапни цени и во зима, кога не им е сезона, а туршијата и останатата зимница на некој начин се ставија во спореден план.
Вики Клинчарова