Заборавете на приказните од историјата: Македонија не задоцни!

by Фокус

Со авиончето на владата пративме човек лично да го однесе прашалникот и документите на наведената адреса на Арбитражната комисија во Париз. Заборавете ги тие приказни од историјата. Не, Македонија не задоцни!

Пишува: Денко МАЛЕСКИ

(Белешки од годините на независноста)

По заминувањето на лордот Карингтон настана една грозничава трка со времето. Истиот ден, 19 декември 1991 година, парламентот ги прифати документите усвоени од министрите за надворешни работи на Европската заедница објавени на 17 декември 1991 година. На 20 декември испратив писмо до претседателот на Советот на министри на ЕЗ, Ханс ван ден Брук.

ВОЛЈА ЗА НЕЗАВИСНА ДРЖАВА

Драг господине министер,

Ја имам таа чест да ве информирам дека на вчерашното заседание, Парламентот на Република Македонија ги прифати „Декларацијата за насоките за насоките за признавање нови држави во Источна Европа и во Советскиот Сојуз“ и „Декларацијата за Југославија“, што Советот на министрите ги донесе во Брисел на 17 декември 1991.

Во тој контекст, Парламентот на Република Македонија донесе декларација за меѓународно признавање на Македонија како суверена и независна држава. Ве информираме дека со оваа Декларација Република Македонија:

-Ја изразува својата волја да биде признаена како независна држава;

-Ги прифаќа обврските содржани во „Декларацијата за насоките за признавање нови држави во Источна Европа и во Советскиот сојуз;

-Ги прифаќа условите наведени во „Нацрт-документот на Конференцијата за Југославија;

-Го поддржува продолжувањето на Конференцијата за Југославија;

-Исто така, се обврзуваме дека со уставни и политички гаранции ќе ги исполниме сите други услови. Со тоа, уште еднаш гарантираме дека Република Македонија нема да се меша во суверените права на други држави, ниту, пак, во нивните внатрешни работи.“

До 23 декември, последниот рок за пријавување за независност од страна на шесте југословенски републики останаа нецели три дена. Внимателно работев на Прашалникот на ЕЗ, со кој требаше да се одговори на серија прилично едноставни прашања од домашната и од надворешната политика на идната суверена држава.

Паралелно течеше и акцијата за собирање доказни документи, како прилог на одговорите на Република Македонија на прашањата на Арбитражната комисија на конференцијата за Југославија.

ПАТОТ НА МАТЕРИЈАЛОТ ДО ПАРИЗ

Устав на Република Македонија,

Уставен закон за спроведување на Уставот,

Нацрт амандмани на Уставот на Република Македонија,

Декларација на Собранието на Република Македонија за меѓународно признавање како суверена и независна држава,

Писмо од Претседателот на Република Македонија Киро Глигоров, до шефовите на државите и на владите во сите земји во светот од 2 декември 1991,

Писмо од министерот за односи со странство на Република Македонија д-р Денко Малески до претседателот на Министерскиот совет на Европската заедница Ханс ван ден Брук од 20 декември 1991,

Декларација за сувереност на Собранието на Социјалистичка Република Македонија од 25 јануари 1991,

Резултат од референдумот во Република Македонија,

Декларација на Собранието на Република Македонија од 17 декември 1991,

Меморандум на Министерството за односи со странство од 23 август 1991,

Одлука за избор на претседател на Собранието на Република Македонија,

Одлука за избор на Претседател на Република Македонија,

Одлука за избор на Влада на Република Македонија,

Амандман кон главата 1 – општ дел од нацрт-документот на Конференцијата за Југославија,

Писмо од Претседателот на Република Македонија Киро Глигоров до претседателот на Конференцијата за Југославија лордот Карингтон. Од 6 декември 1991,

Некои факти за положбата и правата на националностите (националните и етнички групи и малцинства) во Република Македонија.

Потоа, со комплетната документација, отидов на вечерен состанок кај претседателот Глигоров на кој беа и претседателот на парламентот Стојан Андов и претседателот на владата, Никола Кљусев.

Ми се наметнуваше како императив успешно и навремено да ја изведеме целата операција на подготовка и на предавање на материјалот на адресата на Арбитражниот суд во Париз. Особено на предавањето, помислив.

Имено, искуството од работата во Министерството ми говореше дека кога ќе излезе нешто од мојата канцеларија, никогаш не бев сигурен дали ќе стаса на наведената дестинација.

Затоа, со авиончето на владата пративме човек лично да го однесе прашалникот и документите на наведената адреса на Арбитражната комисија во Париз.

Заборавете ги тие приказни од историјата. Не, Македонија не задоцни!

(Продолжува)

Поврзани новости