Забавување на економијата со раст на БДП од 2,9 проценти предвидува Народната банка (НБ) во најновите пролетни проекции што е надолна корекција за еден процентен поен во однос на октомвриските проекции за 2022 година. Инфлацијата се предвидува да биде 8,8 проценти со очекување за постепена стабилизација до крајот на годината.
Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на прес-конференцијата на која ги претстави најновите макроекономски проекции, оцени дека тековните согледувања за растот на македонската економија се понеповолни во однос на октомвриските проекции.
За следната година, очекувањата се дека растот ќе биде 3,6 проценти, а на среден рок дека ќе се задржи солидниот економски раст со реална стапка од 4 проценти во 2024 година.
– Најновите оцени за растот на македонската економија се понеповолни во однос на октомврискиот циклус проекции за оваа и за следната година, под влијание на војната во Украина и енергетската криза. Oцените се проследени со висока неизвесност, при што ризиците се надолни.
Главен надолен извор на ризик во моментов претставува натамошната ескалација на воениот конфликт помеѓу Русија и Украина, воведувањето нови, построги санкции и евентуалното дополнително влошување на економските односи помеѓу Западот и Русија.
Дополнителен фактор на ризик е и евентуалното посилно затегнување на монетарната политика во развиените земји, како одговор на зголемените инфлациски притисоци и инфлациските очекувања. Во исто време, и натаму постојат ризиците поврзани со понатамошниот тек на пандемијата и можноста за појава на нови, загрижувачки вирусни соеви, посочи Ангеловска-Бежоска.
Очекувањата на Народната банка се дека следната година ќе има забавување на стапката на инфлација на ниво од 3 проценти, а на среден рок од околу два проценти во просек. Цените на примарните производи на светските берзи од кои земјава е увозно зависна се едни од клучните фактори дали ќе се остварат овие проекции.
– Кај нашата потрошувачка кошничка нешто повеќе од половина отпаѓа на храна и енергија, а ние сме нето увозник на храна и енергија и оттука примарните цени на светските берзи се од клучно значење за движењето на инфлацијата кај нас. Засега, меѓународните финансиски институции очекуваат умерено стабилизирање на цените на примарните производи до крајот на годината. Тоа е клучна претпоставка. Ако тоа не се случи, секако постојат нагорни ризици. Значи, што ќе се случува со цените на примарните производи на светските берзи ќе биде еден од клучните фактори кои ќе ја детерминираат патеката на инфлацијата, нагласи Ангеловска-Бежоска.
Во рамки на најновите проекции на централната банка, за годинава се очекува продлабочување на дефицитот во тековната сметка на билансот на плаќања до 8 проценти од БДП, додека во 2023 година се предвидува тој да се стесни до 4,5 проценти од БДП.
– Какви ќе бидат потребите и колкаво ќе биде задолжувањето не може да каже централната банка. Клучен фактор којшто ќе го детерминира нивото или потребата од задолжување на домашни или на надворешни пазари, ќе зависи од ребалансот односно од корекцијата што Министерството за финансии ќе ја направи кај буџетскиот дефицит, истакна гувернерката на Народната банка.
Според алтернативното сценарио на Народната банка, предвидувањата се дека за еден процентен поен би се намалил економскиот раст, а за исто толку би се зголемила инфлацијата.