За жената која на протест тврдеше дека нема корона, Лекарската комора барала мерки

by fokus

Вирусот не постои, јас пијам од шише, а не знам чие е, јас сум лекар, нема ковид – вака вчера зборуваше една од говорничките на протестот против мерките за заштита од вирусот, додека насобраните околу неа повторуваа – Нема ковид, нема ковид…

Говорничката којашто се претстави како доктор е позната во регионот како Слаѓана Велков, а на социјалните мрежи има стотина илјади следбеници. Со години води кампања против вакцинацијата, а често држи предавања за ,,самоизлекување”, со исхрана, веганство, и објавува непоткрепени контроверзни ставови кои во повеќе наврати од сервисите за проверка на факти биле препознати како дезинформации.

Во соседна Србија пред три години се најде во медиумите, откако група од 270 родители на чело со двајца лекари поднесоа кривична пријава против неа поради предизвикување на паника и неред, во Првиот основен суд во Белград, но и против уште околу 40 други лица кои биле против вакцинација на деца, во време на епидемијата на морбили. Помеѓу пријавените беше и турбо фолк пејачката Јелена Карлеуша.

Актуелно беше прашањето која е контороверзната докторка и дали навистина завршила медицина, и тогаш во српскиот медиум Блиц.рс, беше објавено нејзиното отворено писмо, во кое појасни дека поднела тужби против медиуми и физички лица, обвинувајќи дека се водело медиумска хајка против неа.

-По професија сум доктор по медицина, студирав во Ниш и Скопје, каде и дипломирав на Унивезитетот Свети Кирил и Методиј, диплома број 8280. Дипломата официјално ми е призната во Македонија, Србија, Кувајт и Саудиска Арабија. Во Србија имам нострификација на дипломата и потврда за положен државен испит под број 152-02-250/2001-02, што тогаш беше и лиценца за работа. Моментално не работам во Србија и не ја обновувам лиценцата – наведено е во отвореното писмо на Велков, објавено во 2018 година во српскиот медиум.

Во меѓувреме, таа беше честа гостинка и во повеќе ТВ емисии во земјава и кажуваше дека се занимава со бесплатна едукација на луѓето за исхрана со сирова храна и лекување со сончева енергија. Но, ако се изврши пребарување на официјалната страница на Лекарската комора во земјава, името Слаѓана Велков е спомнато само во еден запис кој датира од 2014 година.

Во него Лекарската комора на Македонија и Комисијата за етички и правни прашања укажуваат на појавата во средствата за информирање да се даваат емисии во кои се зборува за давање на здравствени услуги од лица кои се декларираат како доктори (надрилекари), самоуки нутриционисти без соодветна диплома и лиценца за работа.

-Комисијата предлага преземање на конкретни мерки против: -Медицинско претставување на лица кои даваат совети од областа на медицината и алтернативната медицина, а немаат соодветна диплома ниту соодветна лиценца за работа – на пример Слаѓана Велков на телевизија го коментира квалитетот и валидноста на вакцините, ТВ емисии во кои некомпетентни лица со билки лекуваат секакви болести, капки и раствори се рекламираат на сите телевизии, но не смее да ги препорачува доктор, самоуки нутриционисти препорачуваат рецепти за долг и здрав живот. Писмо до Советот за радиодифузија за секоја емисија од областа на медицината и алтернативната медицина да се добива дозвола од ЛКМ – стои помеѓу другото во објавата на страницата на Лекарската комора.

Сепак, и по реакцијата на Комисијата, таа продолжи со своите гостувања во емисии. Вчерашното тврдење на Велков, дека нема ковид, ги разгневи лекарите во земјава кои веќе две години се во првите борбени редови со пандемијата која во земјава однесе 5.695 животи, а досега се дијагностицирани 169.202 инфицирани лица.

-Вистинската битка со ковидот лекарите ја водат во здравствените установи, каде пациентите се борат за здив, а не со јавни говори и дезинформации дека нема вирус. Да не се доведуваат граѓаните во заблуда, и да не се заборави никогаш Кодексот на медицинската деонтологија-велат доктори кои сметаат дека вчерашниот говор на Велков е удар врз нивниот досегашен труд и залагања да се излезе од пандемијата.

Вики Клинчарова

Поврзани новости