Илија Стоилев, директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, е уапсен денеска под сомнение за земање мито, во акција што ја водеше Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Наводно се работи за земање на мито од страна на директорот од апликант за да му се додели договор за финансиска поддршка преку ИПАРД.
Дека директорот, кој е претседател на ОК ВМРО-ДПМНЕ – Свети Николе земал мито е констатирано со помош на одбележани пари.
Од МВР и ОЈО ГОКК за „Фокус“ ја потврдија акцијата.
– Полициски службеници во моментов вршат претреси на повеќе локации под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК и истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК поради основано сомневање за сторени кривични дела од коруптивна природа, стои во соопштението од МВР.
– Под раководство на јавен обвинител од ОЈО ГОКК во моментов истражители од Истражниот центар на ОЈО ГОКК и единиците на МВР вршат претреси на повеќе локации низ државава поради основано сомневање за сторени кривични дела од коруптивна природа – велат од ОЈО ГОКК и најавуваат детали во текот на утрешниот ден.
Стоилев е назначен за в.д директор во јули 2024 година, од страна на Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.