Не се потребни предвремени избори без разлика на јаловите, неаргументирани барања на опозицијата, вели премиерот Зоран Заев во интервју за „Детектор“ на ТВ Сител.
Според Заев, потребен е цел мандат за да може граѓаните да ги почувствуваат придобивките од евроатланските интеграции.
-Не се потребни предвремени избори без разлика на јаловите, безаргументирани барања на опозицијата, според мене, да се потрудат да го спречат тоа што веќе се случува и ќе се заокружи во случувањата, а тоа е да се стави ред во правната држава, економијата да ги даде своите резултати, конечно нашата земја да истера еден цел мандат, да заокружи политики, да исполни ветувања политиката спрема граѓаните, да се направи убав пресек, па после тоа да се оди на избори. Навистина како политичка партија и политичка гарнитура донесовме сериозни храбри одлуки, искрено верувајќи дека тие одлуки на крајот на денот значат економски стандард, значат нормална земја. Веруваме дека после политичките големи одлуки се случуваат интеграциите кои што носат економија, кои што носат доверба на институциите, стабилизација на државата од секој можен аспект и на крајот благодет и економски стандард за граѓаните, вели премиерот за Детектор.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, пак, истакнува дека е свесен оти граѓаните се уморни од одржување на какви било избори но, посочува, дека истовремено актуелната состојба во државава наметнува тоа да се случи.
Според Мицкоски, март, идната година е добар датум за избори.
-Мислам дека веднаш после одлуката на Европскиот совет дали Македонија ќе ги почне или нема да ги почне преговорите со ЕУ, а јас се надевам дека ќе ги отпочнеме, можеме да формираме една техничка влада и веднаш потоа таму некаде во март да одржиме едни предвремени парламентарни избори и да провериме дали тоа што опозицијата го говори е така или пак тоа што го говори премиерот дека блескаме е вистината, вели Мицкоски за Детектор.
Интервјуата на Заев и Мицкоски ќе се емитуваат во првата епизода од втората сезона на „Детектор“ поплалдне на ТВ Сител.