Француските сили за спроведување на законот приведоа околу 3.200 лица меѓу вторник и недела за време на пет последователни ноќи на немири предизвикани од смртта на 17-годишниот Нашел, кој беше убиен од полицаец, а од приведените, 60 отсто се непознати за полицијата, изјави денеска францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманен.
Министерот за време на посетата на Ремс, на североистокот на Франција, рече дека 60 отсто од тие 3.200 приведени лица немаат никакви претходни судски постапки и не се познати на полициските служби и никогаш не биле подложени на полициска контрола.
Просечната возраст на приведените е 17 години, а понекогаш се работи за деца од 12 до 13 години, кои палеле пожари, ја напаѓале полицијата и избраните претставници на народот, рече министерот.
Тој инсистираше на одговорност на родителите и семејствата во надзорот на тие млади луѓе, бидејќи, како што додаде, не е на националната полиција или жандармерија, ниту градските власти, па дури ни државата да го решаваат проблемот кога 12- годишно дете запалило училиште.
Министерот рече дека е утврдено дека во текот на ноќта од недела кон понеделник не бил забележан поголем инцидент и дека редот се воспоставува, благодарение на најавената сила на редот.
Но, на барање на претседателот на Републиката, полицијата и жандармеријата ќе продолжат да бидат многу активно мобилизирани и во наредните ноќи.
Министерот рече дека се пуштени 20 милиони евра за поставување нови камери за видео надзор, наместо старите што беа искршени за време на немирите. Тој рече дека државните пари се на располагање на градските власти.
Во петте ноќи на немири до недела наутро, Министерството евидентираше 5.000 запалени возила, 10.000 запалени корпи за отпадоци, речиси 1.000 згради изгорени или оштетени, 250 напади на полициски станици и жандармерија и повеќе од 700 повредени службеници на редот.