Бил во центарот на Скопје, во непосредна близина на Собранието, но ретко се јавувал на мобилниот телефон, ова е откритието на истрагата за 27-ми април за поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков. Како што Телма објави вчера неговата локација е откриена преку 3 базни станици на кои се закачувал неговиот мобилен телефон, ВМРО, Алмако и италијанска амбасада. Под тие имиња се водат базни станици на телекомуникацискиот оператор, а на нив се појавувал телефонот на Чавков во моментите на упадот во Собранието и додека внатре беа напаѓани пратеници, новинари и вработени во парламентот.
Телефонот на Чавков се појавувал најмногу на станицата ВМРО, па потоа на станицата Алмако, а неколкупати се префрлил и на базната станица на италијанската амбасада. Сите три станици се наоѓаат во центарот на Скопје, и се крстени според објектот на кој се поставени или според најблискиот објект. Досега не е потврдено дали Чавков бил во некој од овие објекти или се движел додека насилствата траеле во Собранието.
Чавков досега нема дадено никаде изјавa, а првичните информации се дека прво ќе се утврдува одговорноста, а потоа Чавков ќе добие својство во постапката и ќе биде повикан.