Министерот за здравство Арбен Таравари утрово за време на неговата посета на Детската клиника, изјави дека негов приоритет е да најде решение за специјализантите. Тој рече дека годинава од вкупно 647 ќе бидат вработени 300, но за тоа ќе треба да бидат воспоставени критериуми.
„Јас сум многу среќен што успеав првиот месец да изнајдеме решение. По информација на Министерството тоа помина во Влада, од вкупно 647 специјализанти 300 ќе бидат вработени оваа година. Сега треба да поставиме критериуми и потоа да побараме кај има интерес во јавните здравствени установи и 300 други ќе останат за идната година. Во меѓувреме, следната моја заложба ќе биде да видиме и овие коишто подолг период, посебно, среден медицински персонал кои подолг период работат и немаат решение за работа да најдеме и за нив решение за до крајот на годината и тие да бидат редовно вработени, рече Таравари.
Тој рече дека за тие вработувања нема да се чека новиот Буџет.
„Ќе се обидеме во склоп на овој буџет да успееме да го менаџираме тоа. Меѓутоа, ни треба време да се синхронизираме и со другите министри, рече Таравари.
За лекарите што чекаат шестмесечна задолжителна пракса вели дека се уште не се видел со нив и дека немало барање за средба со нив.
На новинарско прашање, Таравари рече дека и денеска не се сретнал со медицинската сестра за која се тврдеше дека повредила бебе на Клиниката, бидејќи како што рече, таа не била на работа, но се видел со Комисијата.
Таравари не се согласи со тврдењата дека медицинската сестра е „оцрнета“.
„ Јас и таа вечер кажав дека треба да ја слушнам и другата страна. Јас се надевам дека сестрата кога ќе дојдам четврти пат на педијатрија ќе ја видам или ќе ја сретнам и ќе разговарам и со неа. Меѓутоа, сега имам доволни информации и гледам дека можеби и најверојатно според тоа што го кажуваат и дежурните доктори и болничарката и сестрата која што била заедно во дежурство дека не е намерно и јас посакувам и се надевам дека е така, рече Таравари.