Собранието функционира и покрај бојкотот на дел од опозицијата, децидна е власта во врска со „активната блокада“ што ВМРО-ДПМНЕ почна да ја спроведува неделава во Парламентот.
Од опозицијата, пак, тврдат дека блокадата нема да биде само инстант акција и најавуваат преземање на следните чекори кон нивната конечна цел – утврдување датум за предвремени парламентарни избори.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера во Прилеп оцени дека и покрај бојкотот и блокадите на ВМРО-ДПМНЕ, Собранието функционира, потсетувајќи дека на собраниската седница во четвртокот беше усвоен дневниот ред, а во петокот на собраниска Комисија беа утврдени кандидати за нови судии во Уставниот суд.
Според него, несериозно е да се бојкотира Собранието во услови на најголема светска енергетска криза и ги повика сите пратениците да покажат одговорност.
– Во такви услови, секоја политичка партија треба да биде одговорна и да го даде максимумот за да се носат закони кои го олеснуваат секојдневниот живот на граѓаните. Не постојат закони кои не влијаат на општествените процеси во позитивна смисла и не може Собранието да се смета за супермаркет каде некој ќе одлучува кој закон ќе помине, а кој нема да помине, потенцираше Ковачевски.
Од друга страна, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера од Скопје порача дека сегашната опозициска блокада во Собранието е „стратегија што ќе трае“ и нема да биде само „инстант акција“, најавувајќи дека утре ќе се одржи седница на партискиот Извршен комитет, на која ќе се разговара за следните чекори што ќе ги преземе партијата.
– Во понеделник, ќе имаме седница на Извршниот комитет и ќе отвориме дискусија за вториот и за третиот чекор. Ова е стратегија што многу ќе трае. Нема да биде инстант акција која што ќе заврши денеска или утре, изјави вчера Мицкоски при посетата на Општина Кисела Вода.