Поп пејачот и композитор Владо Јаневски ја промовираше новата песна насловена ,,Без тебе не ме бива”. Текстот и музиката за истата се негово дело, а аранжманот е на Никша Братош, во чие студио во Загреб се одвивало снимањето.
Бидејќи кај Јаневски, изминатиот период повторно е актуелен медиумскиот молк, односно престана да дава изјави и да комуницира со новинарите, на Фејсбук профил со неговото име беше објавено дека ќе се промовира нова песна, првин на Радио Бубамара, а потоа беше објавена и на профилот. На истиот е наведено дека не е негов личен профил, но функционирал со негова дозвола, и таму се споделуваат официјални информации поврзани со неговата кариера, односно фотографии, детали за песни, концерти и слично.
Лани во ноември, кога тој по повод својот 60-ти роденден ја сними песната ,,Љуби, љуби”, исто така јавноста дозна за промоцијата преку профилот кој наводно го уредуваат почитувачи на неговото дело, а не лично пејачот, како што се шпекулира во естрадните кругови.
Во едно од ретките интервјуа лани, во емисијата ,,Патот до успехот” Јаневски се пожали дека за него во етер биле кажани многу невистини. Рече дека во времето пред социјалните мрежи, имало новинари кои се бројат на прсти, а денес имало илјадници анонимни ,,плукачи” и ,,хејтери”. Денес секој мислел дека има право на свое мислење, кое можело да се објави на интернет.
-Лејди Гага кажа еднаш дека социјалните мрежи се септичката јама на интернет. Ама, таа е паметна, кога ќе каже, кажано е. Мирна ми е главата мене, јас не одам на интернет да копам што ќе кажат луѓето за мене.
Не можеш на розата да и кажеш да им го даде својот мирис само на добрите луѓе, а на оние кои ја мразат и сакаат да ја згазат да им го скрати. На розата тоа и е професија и суштина, да испушта мирис, да мириса убаво за сите. Дури и за тој кој доаѓа да ја исече, таа ќе му го даде мирисот.
И јас исто, песната ја давам на сите. Го давам најдоброто кое го можам и не правам дискриминација, ти ме мразиш, со тебе не сакам. Мое е да пеам и да објавувам песни – порача Јаневски во интервјуто од минатата година.
Вики Клинчарова