Со читање на обвинителниот акт за организаторите на 27 април од страна на обвинителката Вилма Русковска започна денешното судско рочиште.
Таа рече дека обвинителството ќе докаже дека обвинетите во овој судски процес се обиделе да го урнат уставниот поредок, за да оневозможат мирно предавање на власта.
-Ќе слушнете како Јанакиески и Ристовски критичниот ден се јавувале по штабовите и организирале превоз до Скопје за поголема масовност на протестот и за влегување на народот во Собрание. Ќе ги слушнете пораките испратени до луѓето. Вратите ги отворија затоа што така им беше кажано од обвинетите, но и од нивниот лидер, Никола Груевски, кој толку сакаше да се соочи со народот на избори, но кога требаше да се соочи со правдата најкукавички избега, рече Русковска.
Па потоа продолжи:
– Трајко Вељаноски додека се интонираше химната на Албанија наместо да го спречи пеењето на пратеникот што беше иницијална каписла за насилствата, тој не заборави да се допишува со неговиот шеф Груевски. Дали обвинетиот се обиде да ги заштити своите колеги пратеници? Тој не само што не направи ништо, туку тој ѝ помогна на група предводена од Никола Митревски Кољо да стигне до салата 3 каде што беа новите пратеници. Ете таков човек сме имале за претседател на Собранието, рече Русковска.
По неа обвинетите се изјаснуваа за вина, односно истакнаа дека се невини.
–Ова е класичен политички прогон. Апсолутно, не се чувствувам виновен, рече Вељаноски.
И Спиро Ристовски рече дека не се чувствува виновен и дека е цел на политички прогон. Миле Јанакиески рече дека невиноста ќе ја докажел низ постапката, а Владимир Атанасовски кратко кажа дека не се чувствува виновен.
Судењето продолжува на 9 март со сослушување на сведоци, а прв е повикан актуелниот технички премиер Оливер Спасовски.