Британската полиција се подготвува за вечерашните нови антиисламски нереди по најавите на крајно десничарските групи дека ќе напаѓаат центри за баратели на азил и имигрантски канцеларии ширум земјата. Но, собири, истовремено, најавуваат и антифашистички демонстранти.
Атмосферата низ улиците е тензична, со изолирани насилни случаи, по минатонеделното убиство на три девојчиња во градот Саутпорт, на северозападот на Англија. По интернет, најпрво се прошири вест дека зад нападот стои Али ал-Шакати, наводен муслимански барател на азил, кој во Велика Британија пристигнал со чамец и бил на листа за надзор на МИ6. На крајот беше објавено дека напаѓач бил 17-годишниот Алекс Рудакубана, роден во Кардиф, чии родители имаат потекло од Руанда.
Лондонската полиција упати предупредување до родителите да внимаваат каде ќе бидат вечерва нивните деца. Досега во Англија, повеќе лица помлади од 18 години се приведени и обвинети за учество во насилните протести.
Сопствениците на продавници ги прекриваат излозите со даски или други материјали, со цел да го заштитат имотот за време на најавените протести вечерва. Полицијата наведува дека не е контактирана од организатори на повеќе од 100 протести кои би требало да се одржат вечерва и оти не е познат точниот број на протести. Низ земјата ќе бидат распоредени над 2.000 припадници на интервентната полиција и оти најмногу нереди се очекуваат во северозападниот и во североисточниот дел на земјата.