Јавниот повик за издавање потврда-ваучер за користење на средства за организиран одмор на работници со ниски приходи чии месечни примања во семејството не го надминуваат нето износот од 30.000 денари се затвора денеска, соопшти Министерството за економија.
За една недела од објавување на јавниот повик во архивата на Министерството за економија се пристигнати над 2.600 апликации.
Оваа мерка е во рамки на Програмата за домашен туризам за работници со ниски приходи 2021 и предвидува издавање на потврди-ваучери за туризам во вредност од 12.000 денари за лица со ниски примања за да ги користат во категоризираните угостителските објекти за сместување (хотели) лоцирани во туристичките центри во Република Северна Македонија кои претходно се пријавени во Министерство за економија. Според јавниот повик оваа година за реализација на оваа мерка се предвидени 15 милиони денари за вкупно 1.250 ваучери.
Ваучерот за користење на средства за организиран одмор ќе може да се искористи најдоцна до 30 ноември 2021 година, во некој од угостителските објекти од листата на пријавени угостителски објекти за сместување, објавена на веб- страната на Министерство за економија.
Оваа мерка има за цел да им овозможи на семејствата со ниски приходи, со поддршка на државата да го искористат правото на годишен одмор и истовремено, да им се даде поддршка на хотелиерите и угостителите да работат со исполнети капацитети и надвор од туристичката сезона, со што се стимулира развојот на домашниот туризам.
Потврдата за користење на средства за организиран одмор се издава по принципот “прв дојден прв услужен“.
Потврдата за користење на средства за организиран одмор може да се користи само од работникот на кого му е издадена заедно со членовите на неговото потесно семејство кои се наведени во барањето.
Владата на Република Северна Македонија преку програмата на Министерството за економија, во 2017 година почна да ја спороведува оваа мерка со цел да даде поддршка на домашниот туризам, но во исто време на семејствата со ниски месечни примања да користат одмор во туристичките центри во земјата.