За утре е закажана првата седница на Анкетната комисија за Онкологија

by Fokus

Рашела Мизрахи – пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ која е претседател на Анкетната комисија за случајот во Клиниката за радиотерапија и онкологија, во изјава за медиумите најави дека првата седница на комисијата ќе биде закажана за утре.

Мизрахи порача дека како претседател на Анкетната комисија ќе ги заложи сите свои знаења, умеење, труд и со сите останати колеги од комисијата како и новинарите, за да се извади вистината на виделина.

– Во текот на вчерашниот ден беше изгласана одлука за избор на членови и заменици членови на комисијата, а денеска предмалку, официјално од страна на Генералниот секретар се назначени и собраниските соработници и службеници кои ќе бидат дел од оваа Анкетна комисија, со што целосно се исполнија условите за почеток со работа на оваа Анкетна комисија – изјави Мизрахи.

Исто така информираше дека согласно одлуката, комисијата ќе биде надлежна за утврдување на хронологијата на настаните и околностите во ЈЗУ Универзитетска клиника за радиотерапија и онкологија, дали со скандалот се загрозени основите човекови права на пациентите коишто се лекувале, политичката одговорност, како и изготвување заклучоци и препораки кои ќе имаат за цел да поведат постапка за утврдување на одговорност на носителите на јавните функции и спречување понатамошна злоупотреба, но и системски подобрувања на дефектите во таа клиника и целокупниот здравствен систем.

Поврзани новости